Битие 15

15
На Аврама му се ветува син. Неговото верување. Заветот на Господа со него.
1По оние настани би слово Господово кон Авраама во видение ноќе и му рече: »Не бој се, Авраме! Јас сум ти закрила, и наградата твоја ќе биде многу голема.«
2А Аврам рече: »Господи, зошто да ми дадеш кога сум без пород; а домаќин во мојата куќа е Елиезер дамаскинецот.«
3И пак рече Аврам: »Бидејќи, Ти не ми даде потомство, ете, затоа еден од домашните во куќата моја ќе биде наследник.«
4Но Господ пак проговори: »Нема тој да ти биде наследник, туку оној, што ќе излезе од тебе, тој ќе ти биде наследник.«
5Па го изведе надвор и му рече: »Погледни на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги изброиш.« И му рече: »Толкаво ќе биде потомството твое.«
6И Му поверува Аврам на Господа Бога, и тоа му се прими за оправдание.
7И му рече: »Јас сум Бог, Кој те изведе од Ур Халдејски за да ти ја дадам оваа земја, да ја владееш.«
8А тој рече: »Господи, Господи, по што ќе познаам дека ќе ја наследам?«
9И му рече: »Принеси му јуница, од три години, и коза тригодишна, и овен, од три години, а и грлица и млад гулаб!«
10И тој го зеде сето тоа, и ги пресече на половина и ги стави сите половини една спроти друга; но птиците не ги преполови.
11А птици грабливки слетуваа на тие мрши; но Аврам ги бркаше.
12А кога сонцето беше на залез, го совлада Аврама длабок сон, и ете, го опфати голем мрак – и го обзеде ужас.
13И Господ му рече на Аврама: »Знај дека потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, ќе робуваат и ќе ги мачат четиристотини години.
14Но на народот, на кој ќе му служи, Јас ќе му судам; потоа тие ќе излезат оттаму со големо богатство.
15А ти ќе отидеш кај татковците свои во мир, и ќе бидеш погребан во длабока старост.
16Тие, пак, во четвртото колено ќе се вратат ваму; зашто мерката на безаконијата Аморејски уште не превршила.«
17А штом сонцето зајде, падна мрак, и ете, дим како од печка и огнен пламен поминува меѓу оние делови.
18Во тој ден Господ направи завет со Аврама, велејќи: »На потомството твое му ја давам оваа земја од реката во Египет до големата река Еуфрат:
19Кенејците, Кенезејците, Кедмонејците,
20Хетејците, Ферезејците, Рефаинците,
21Аморејците, Хананејците, Гергесејците и Јевусејците!«

Поточний вибір:

Битие 15: MK1990

Позначайте

Поділитись

Копіювати

None

Хочете, щоб ваші позначення зберігалися на всіх ваших пристроях? Зареєструйтеся або увійдіть