YouVersion लोगो
खोज आइकन

Лука 23

23
1Тогаш целиот Совет стана и Го одведе Исуса кај римскиот гувернер Пилат,
2па почна да ги изнесува своите обвиненија: „Утврдивме дека овој човек го заведува нашиот народ, ги поттикнува луѓето да не му плаќаат данок на императорот, а тврди и дека Тој е Месијата, царот!“
3Пилат Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“
4Тогаш Пилат им рече на свештеничките поглавари и на народот: „Не наоѓам никаква вина за да Го осудам овој човек.“
5Но тие уште поупорно викаа: „Тој го поттикнува народот на бунт по целата јудејска земја! Најпрво почна од Галилеја, па втаса довде!“
6Откако Пилат го чу ова, праша: „Зар овој човек е Галилеец?“
7Кога разбра дека Исус потекнува од покраината над која владее Ирод Антипа, веднаш Го прати кај него, бидејќи тој во тоа време се наоѓаше во Ерусалим.
8Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо.
9Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше.
10Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус.
11Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат.
12На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници.
13Пилат ги повика свештеничките поглавари, членовите на Врховниот совет и народот,
14и им рече: „Вие ми го доведовте овој човек под обвинение дека го поттикнува народот на одметништво. Еве, јас Го испрашав пред вас и не утврдив никаква вина кај Него од она за што вие Го обвинувате,
15ниту пак Ирод најде некаква вина кај овој човек и затоа Го врати назад кај мене. Овој човек не сторил ништо со што би заслужил смртна казна.
16Предлагам да Го предадам на камшикување и да Го пуштам.“
17(Секоја година, по повод празникот Пасха, Пилат им ослободуваше по еден затвореник.)
18Но тие сите во еден глас повикаа: „Погуби Го овој, а пушти ни го Бараба!“
19Бараба беше затворен поради учество во некој градски бунт и поради убиство.
20Пилат сакаше да Го пушти Исуса, па затоа повторно им се обрати на присутните,
21но тие продолжија да викаат: „Распни Го! Распни Го!“
22Пилат по третпат им се обрати: „А какво злосторство извршил? Јас не најдов никаква вина кај Него за да Го осудам на смрт! Затоа, предлагам да биде камшикуван, а потоа ослободен!“
23Но тие со голема викотница продолжуваа да бараат Исус да биде распнат и конечно надвладеаја.
24Пилат реши да го задоволи нивното барање.
25Им го пушти од затвор човекот чие ослободување го бараа - затвореникот за бунт и убиство - а Исуса им Го препушти на нивната волја.
26Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него.
27По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа.
28Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца,
29зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘
30Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘
31Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното!?“
32Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници.
33Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса.
34А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка.
35Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата - Избраникот Божји!“
36Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет,
37говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“
38Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘
39Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“
40Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна!
41Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“
42Потоа Му се обрати на Исуса: “Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“
43Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“
44Беше околу дванаесет часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот.
45Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината.
46Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре.
47Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник!“
48Кога и народот што се беше собрал да гледа виде што се случи, секој си замина дома, удирајќи се в гради од жалост.
49Сите што Го познаваа Исуса, меѓу кои и жените кои Го следеа уште од Галилеја, стоеја подалеку и гледаа.
50Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек,
51и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство.
52Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус.
53Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите.
54Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата.
55Заедно со Јосиф дојдоа и жените кои одеа со Исус уште од Галилеја и ја видоа гробницата во која беше положено Исусовото тело.
56Потоа си отидоа дома, да подготват мирисливи масла за премачкување на телото. Во саботата не работеа, согласно со верскиот Закон.

अहिले सेलेक्ट गरिएको:

Лука 23: MNT

हाइलाइट

शेयर गर्नुहोस्

कपी गर्नुहोस्

None

तपाईंका हाइलाइटहरू तपाईंका सबै यन्त्रहरूमा सुरक्षित गर्न चाहनुहुन्छ? साइन अप वा साइन इन गर्नुहोस्