Јован 9
9
1Одејќи така, Исус виде еден човек, кој беше слеп од раѓање.
2Неговите ученици Го запрашаа: „Учителе, зошто овој човек се родил слеп? Дали поради негов грев или поради грев на неговите родители?“
3„Неговото слепило не е ни поради негов грев, ни поради грев на неговите родители“ - им одговори Исус. „Но поради неговото слепило, ќе се пројават Божјите дела над него.
4Додека е ден, ние треба да го извршуваме тоа што од Мене го сака Оној што Ме испрати. Доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи.
5Додека сум во светот, Јас сум Светлина за светот.“
6Штом го рече тоа, Исус плукна на земјата и со плунката направи кал. Со неа му ги намачка очите на слепиот
7и му рече: „Оди, измиј се во бањата Шилоах“ (во превод значи: ,Испратен‘). Тој отиде, и откако се изми, се врати гледајќи!
8Неговите соседи и оние што порано го гледаа како проси, велеа: „Зар овој не е човекот што седеше и просеше?“
9Едни велеа: „Тој е!“ Други велеа: „Не е тој, туку само личи на него!“ А самиот тој велеше: „Јас сум тој човек!“
10Тогаш тие го прашаа: „Па како ти се отворија очите?“
11Тој им одговори: „Еден човек, по име Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ,Оди во бањата Шилоах и измиј се!‘ Откако отидов и се измив - прогледав!“
12Тие го прашаа: „Каде е Тој човек?“ “Не знам“ - одговори тој.
13Потоа го доведоа човекот што порано беше слеп кај фарисеите.
14А тој ден кога Исус направи кал и му ги отвори очите беше сабота.
15Фарисеите повторно почнаа да го распрашуваат, како прогледал. „Ми стави кал на очите“ - им одговори тој - „Потоа се измив, и еве - гледам!“
16Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој човек не е од Бога, бидејќи не ја почитува саботата!“ Други, пак, велеа: „Како може грешен човек да прави вакви чуда!?“ Во врска со ова, се јави раздор меѓу нив.
17Затоа повторно му се обратија на слепиот: „Што мислиш ти за човекот што ти ги отворил очите?“ “Пророк е!“ - одговори тој.
18Но еврејските верски водачи не му поверуваа дека бил слеп и прогледал, па затоа ги повикаа неговите родители,
19и ги запрашаа: „Ова ли е вашиот син за кого тврдите дека се родил слеп? Како тоа сега гледа?“
20Неговите родители им одговорија: „Знаеме дека ова е нашиот син, кој се роди слеп.
21Но, како тоа сега гледа - не знаеме. Ниту, пак, го знаеме Човекот што му ги отворил очите. Прашајте го него, тој е возрасен и самиот може да зборува за себе!“
22(Неговите родители постапија вака, затоа што се плашеа од еврејските верски водачи. Причината за нивниот страв беше тоа што еврејските верски водачи се договорија да го исклучат од синагогата секој оној што ќе каже дека Исус е Месијата.
23Затоа неговите родители рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!“)
24Така тие по вторпат го повикаа човекот што беше слеп и му рекоа: „Биди искрен пред Бог! Ние знаеме дека Тој човек е грешник!“
25„Јас не знам дали е Тој грешник“, - им одговори тој - „но, една работа знам: слеп бев, а сега гледам!“
26На тоа тие му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“
27„Веќе ви кажав“, - им одговори тој - „но вие не слушате! Зошто повторно сакате да чуете? Да не сакате и вие да станете Негови ученици?“
28Тие почнаа да го навредуваат, велејќи: „Ти си Негов ученик, а ние сме ученици на Мојсеј!
29Ние знаеме дека Бог му зборувал на Мојсеј, а не знаеме од каде е Овој Човек!“
30„Чудно!“ - им одговори човекот - „Вие не знаете од каде е, но Тој ми ги отвори очите!
31Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку ги слуша оние што имаат страхопочит кон Него и ја вршат Неговата волја.
32Од почетокот на светот па до денес, не се чуло некој да му ги отвори очите на слепороден човек!
33Ако Тој Човек не беше од Бога, не ќе можеше ништо да стори.“
34Тие му возвратија: „До гуша си во гревови! Ти ли нас ќе не учиш!?“ И го исфрлија надвор.
35Исус слушна дека го исфрлиле надвор, па штом го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Човечки?“
36Човекот одговори: „А кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?“
37Исус му рече: „Оној во Кого гледаш, Човекот со Кого разговараш - тоа е Тој!
38„Верувам, Господе“ - одговори тој, па се спростре ничкум и Му се поклони.
39Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за да го извршам судот: да прогледаат оние што не гледаат, а да станат слепи оние што самоуверено мислат дека гледаат.“
40Некои од фарисеите што беа со Него Го слушнаа, па Му рекоа: „Зар и нас не сметаш за слепи!?“
41Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да бидете виновни, но штом тврдите дека гледате - останувате виновни!“
अहिले सेलेक्ट गरिएको:
Јован 9: MNT
हाइलाइट
शेयर गर्नुहोस्
कपी गर्नुहोस्
तपाईंका हाइलाइटहरू तपाईंका सबै यन्त्रहरूमा सुरक्षित गर्न चाहनुहुन्छ? साइन अप वा साइन इन गर्नुहोस्
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.