Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Софонија 3:9-20

Софонија 3:9-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Јас пак ќе им дадам на чистите народи уста да го призовуваат името на Господ и да Му служат еднодушно. Од краиштата отаде реките на Етиопија поклониците Мои – Моите растурени деца – ќе Ми принесат да­рови. Во тој ден ти нема да се срамуваш за твоите бунтовни постапки, со кои грешеше против Мене, зашто тогаш Јас ќе ги отстранам од твојата средина горделивите фалбаџии и нема повеќе да се гордеат на Мојата света гора. Но ќе оставам среде тебе народ скромен и понизен, и тие ќе бараат за­крила во името Господово. Остатоците од Израел нема да вр­шат неправда, нема да зборуваат лага, и во устата нивна нема да се најде јазик сплеткарски. Тогаш ќе пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува. Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израеле, весели се и радувај се од сѐ срце, ќерко ерусалимска: Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој. Гос­под, Царот Израелов, е среде тебе: нема повеќе да се плашиш од зло. Во оној ден ќе му речат на Еруса­лим: „Не бој се“ и на Сион: „Да не за­слабнат рацете твои.“ Господ, твојот Бог, е среде тебе. Тој е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе те обнови според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни, како на празничен ден. Ќе ја от­странам неволјата од тебе, за да не го носиш повеќе срамот. Ете, Јас ќе ги притеснам сите твои мачители во она време, ќе го спасам она што е куцо, ќе ги соберам расеаните и ќе им дадам чест и слава по целата зем­ја, каде што беа под срам. Во она време ќе ве доведам, во она време ќе ве соберам вас, зашто ќе ве направам прочуени и почитувани меѓу сите народи на земјата, кога ќе ја изменам вашата судбина пред очите ваши, вели Господ.

Софонија 3:9-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ќе им дадам чисти усни на народите, за да можат сите да го повикуваат Господовото име и да Му служат еднодушно. Од другиот брег на етиопските реки, Моите поклоници, расеани ќе ми принесуваат жртвени дарови. Во оној ден не ќе се срамиш од сите свои постапки, со кои грешеше против Мене, зашто ќе ги отстранам од сред тебе твоите горди фалбаџии; и веќе не ќе се возвишуваш на Мојата Света Гора, зашто ќе оставам во твојата средина скромен и сиромашен народ, и во Господовото име ќе бараш закрила. Остатокот Израелев веќе нема да прави неправда, не ќе зборуваат веќе лаги; во нивните усти не ќе се најде веќе измамлив јазик. Ќе можат да пасат и да се одмараат и никој не ќе им пречи.“ Воскликнувај од радост, Сионска Ќерко, викај од веселба, Израеле! Весели се и радувај се од сѐ срце, Ерусалимска Ќерко! Господ те ослободи од твојата пресуда, ги отстрани Твоите непријатели! Господ, Израелевиот Цар, е во твојата средина! Не бој се веќе од зло! Во оној ден ќе му се рече на Ерусалим: „Не бој се, Сионе! Нека не ти се истоштат рацете. Господ, твојот Бог, е во твоја средина, силен Спасител! Тој ќе ти се радува тебе, полн со веселба, ќе ти биде милостив во Својата љубов, ќе воскликнува радосно над тебе.“ „Ќе ги соберам напатените заради празниците, за да не носат веќе срам на себе. Еве ги совладувам сите твои угнетувачи. Во она време ќе ги избавам сите хроми, ќе ги соберам расеаните, ќе ги поставам за име и слава во секоја земја на нивниот срам. Во она време, Јас ќе ве доведам, во она време, Јас ќе ве соберам! Тогаш ќе ви дадам пофалба и слава меѓу народите на земјата, кога ќе ви ги вратам заробениците пред ваши очи“ - говори Господ.