Тогаш Јас пак ќе им дадам на чистите народи уста да го призовуваат името на Господ и да Му служат еднодушно. Од краиштата отаде реките на Етиопија поклониците Мои – Моите растурени деца – ќе Ми принесат дарови. Во тој ден ти нема да се срамуваш за твоите бунтовни постапки, со кои грешеше против Мене, зашто тогаш Јас ќе ги отстранам од твојата средина горделивите фалбаџии и нема повеќе да се гордеат на Мојата света гора. Но ќе оставам среде тебе народ скромен и понизен, и тие ќе бараат закрила во името Господово. Остатоците од Израел нема да вршат неправда, нема да зборуваат лага, и во устата нивна нема да се најде јазик сплеткарски. Тогаш ќе пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува.
Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израеле, весели се и радувај се од сѐ срце, ќерко ерусалимска: Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој. Господ, Царот Израелов, е среде тебе: нема повеќе да се плашиш од зло. Во оној ден ќе му речат на Ерусалим: „Не бој се“ и на Сион: „Да не заслабнат рацете твои.“ Господ, твојот Бог, е среде тебе. Тој е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе те обнови според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни,
како на празничен ден. Ќе ја отстранам неволјата од тебе, за да не го носиш повеќе срамот. Ете, Јас ќе ги притеснам сите твои мачители во она време, ќе го спасам она што е куцо, ќе ги соберам расеаните и ќе им дадам чест и слава по целата земја, каде што беа под срам. Во она време ќе ве доведам, во она време ќе ве соберам вас, зашто ќе ве направам прочуени и почитувани меѓу сите народи на земјата, кога ќе ја изменам вашата судбина пред очите ваши, вели Господ.