Песна над песните 2:1-13
Песна над песните 2:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Возљубената: Јас сум цвет во рамнината шаронска, крин цвеќе во долина! Возљубениот: Она што е кринот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу момите. Возљубената: Она што е јаболкницата меѓу шумските дрвја, тоа е мојот возљубен меѓу момците. Во сенката нејзина сакам да седам; плодовите нејзини се слатки за грлото мое. Тој ме воведе во куќата за гозба, и знамето негово над мене беше љубов. Поткрепете ме со слатки од грозје, освежете ме со јаболка, зашто сум болна од љубов. Левата рака негова ми е под главата, а со десната ме прегрнува. Возљубениот: Ве заколнувам ќерки ерусалимски, во срните и во полските кошути: немојте да ја разбудувате и да ја вознемирувате возљубената, додека сама не посака. Возљубената: Гласот на мојот возљубен! Еве го: доаѓа, скока преку горите, прескокнува преку ридовите. Мојот возљубен прилега на срна, на млад елен. Ете, стои зад ѕидот наш, погледнува низ прозорецот, ѕирка низ решетката. Мојот возљубен се огласи и ми рече: „Стани, мила моја, убавице моја, дојди! Еве, зимата веќе мина, дождот го снема, престана веќе, цвеќиња се појавија по земјата; настана време за песни, и гласот на гугутката се слуша во земјата наша; смоквите ги отворија пупките свои, и расцутените лози пријатно мирисаат. Стани, мила моја, убавице моја, и дојди!
Песна над песните 2:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Јас сум саронски цвет, лилјан во долина! Што е лилјанот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу девиците. Што е јаболкницата сред горските дрва, тоа е мојот возљубен меѓу младите. Сакам да седам во нејзината сенка; а нејзините плодови му се слатки на моето грло. Ме воведе во собите на виното и ме покри со знамето на љубовта. Поткрепете ме со колачиња, освежете ме со јаболка, зашто јас сум изнемоштена од љубов. Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува. Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата љубов, додека самата не посака. Гласот на мојот возљубен! ете го, доаѓа, прелетува преку гори, прескокнува брегови. Мојот возљубен е како срна, тој е како еленче. Ете, тој стои зад нашиот ѕид; гледа низ прозорците, наѕира низ решетките. Мојот возљубен почнува да ми зборува: „Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди! зашто, ете, зимата веќе помина, дождот замина и прекрати. Цвеќињата се покажуваат по земјата, дојде време за пеење; и грличиниот глас се слуша во нашиот крај. Смоквата ги исфрли првите плодови, лозјето мириса во цветање. Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!