Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 4:1-25

Римјаните 4:1-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Авраам беше биолошки прататко на еврејскиот народ. Како стекна праведност тој? Ако Авраам стекна праведност пред Бог врз основа на своите добри дела, тој ќе имаше причина да се фали пред луѓето, но не и пред Бог. Светото Писмо вели: „Авраам Му поверува на Бог, и Бог му ја припиша неговата вера како праведност.“ Кај луѓето, кога некој вложува свој труд, наградата што му се дава не претставува подарок, туку обврска. Но пред Бог, оној што не се потпира врз својот труд и постигања, туку што верува во Оној што ги оправдува грешниците, неговата вера му се смета како праведност. Еве што вели и царот Давид кога опишува колку е среќен оној човек кого Бог го смета за праведен, но не врз основа на дела извршени според барањата на Законот: Среќен е оној, на којшто престапот му е простен, чиј грев е покриен! Среќен е човекот кого Господ за грев не го обвинува.“ Дали овој благослов важи само за обрежаните, или важи и за необрезаните? Да го погледнеме примерот со Авраам. Рековме дека Бог му припиша праведност на Авраам, затоа што Авраам имаше вера во Него. Кога се случи тоа: кога Авраам беше веќе обрежан, или пред да се обреже? Знаеме дека тоа се случи пред Авраам да биде обрежан, а не откако беше обрежан! Дури потоа тој се обрежа, како печат и потврда дека Бог го прогласи за праведен врз основа на неговата вера што ја имаше уште додека беше необрезан. Така Авраам им стана духовен татко на сите што Му веруваат на Бог, и Бог ги прифаќа како праведни, иако не се обрежани. Истовремено тој им е духовен татко и на оние што се обрежани, но само на оние кои, покрај тоа што се обрежани, го следат и примерот на нашиот прататко Авраам, и Му веруваат на Бог исто како што тој Му веруваше уште пред да биде обрежан. Очигледно е дека ветувањето што Бог им го даде на Авраам и на неговите потомци, оти тие ќе го наследат светот, не им беше дадено затоа што Авраам се придржуваше кон ритуалниот Закон, туку врз основа на праведноста што Авраам ја стекна преку вера во Бог. Ако тврдиме дека Божјото ветување се однесува на оние што му се покоруваат на ритуалниот Закон, испаѓа дека верата нема никаква вредност, а со тоа и Божјото ветување би било неважечко. Имајте предвид дека законот им носи казна на прекршителите. А каде што нема закон, нема ни прекршок! Токму затоа Божјото ветување е засновано на вера. Тоа е незаработен подарок од Бог и им се гарантира на сите што имаат вера каква што имаше Авраам, без оглед на тоа дали се придржуваат кон ритуалните обичаи содржани во Законот или не. Токму затоа Авраам е прататко на сите што Му веруваат на Бог. На тоа се мисли во Светото Писмо кога Бог му рече на Авраам: „Те направив татко на многу народи.“ Авраам Му поверува на Бог, на Оној што мртви оживува и со збор го создава тоа што дотогаш не постоело. Кога Бог му вети на Авраам дека ќе стане татко на многу народи, Авраам Му поверува, иако тоа изгледаше сосема невозможно. Бог му рече: „Колку што има ѕвезди на небото, толку ќе бидат и твоите потомци!“ На Авраам не му ослабна верата, иако знаеше дека неговото тело е речиси мртво. Имаше околу сто години, а и неговата жена Сара беше веќе стара и неротка. Тој не се посомнева во ветувањето што му го даде Бог. Напротив, верата му зајакна и тој Му донесе слава на Бог. Авраам беше наполно уверен дека Бог е способен да го исполни тоа што го ветил. Затоа тоа му се припиша како праведност. Овој начин на стекнување праведност пред Бог не важеше само за Авраам, туку важи и за нас што веруваме во Оној што Го воскресна од мртвите нашиот Господ Исус, Кој беше предаден на смрт за нашите гревови, и беше воскреснат за ние да бидеме оправдани.

Римјаните 4:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А што би можеле да кажеме дека добил нашиот прататко по тело Авраам? Зашто ако Авраам се оправдал со дела, тој заслужува пофалба, но не пред Бога. Впрочем што вели Писмото? – „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.“ На оној што работи, платата му следува не по милост, туку по долг. Напротив, оному, кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува без­божникот, верата му се смета за праведност. Така и Давид го нарекува блажен оној човек, кому Бог му смета за пра­ведност независно од делата, велејќи: „Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени; блажен е оној човек кому Бог нема да му смета за грев!“ А дали ова блаженство се однесува са­мо за обрезаните или и за необрезани­те? Бидејќи велиме дека на Авраам ве­ра­та му се сметаше за праведност. Кога му се сметаше? По обрезанието или пред обрезанието? Не по обре­занието, туку пред обрезанието. И знакот на обрезанието тој го доби како печат на праведност што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието, за да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним тоа да им се смета за праведност, и да им биде татко на обрезаните, но не на оние кои обрезанието само го примиле, туку кои врват и по стапките на верата од нашиот татко Авраам, пред обрезанието. Впрочем ветувањето кон Авраам или кон семето негово – дека ќе биде наследник на светот – беше дадено не преку Законот, туку преку праведноста на верата. Зашто ако можат да бидат наследници само оние што имаат Закон, то­гаш и верата нема никакво значење, и ветувањето е поништено; зашто Законот породува гнев; каде што, пак, нема Закон, нема ни престап. Затоа тоа е од верата, за да биде по милост, та и ветувањето да биде заздра­вено не само по Законот, туку и по ве­ра­та за сите потомци Авраамови, кој ни е татко на сите нас, според напишаното: „Те поставив да бидеш татко на многу народи“ – пред Бога, Кому тој Му поверува, Кој ги оживува мртвите и го повикува да суш­тествува, она што не суштествува. Авраам, без никаква основа за на­деж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според рече­но­то: „Такво ќе биде твоето потомство.“ И откако не ослабна верата негова, тој не помисли дека телото негово е веќе безживотно, зашто беше речиси стогодишен, и дека утробата Сарина е речиси веќе безживотна; и во ветувањето Божјо не се посомнева со неверие, туку остана со цврста вера и Го прослави Бога, наполно уверен дека Тој е силен да го изврши она што го ветил. Затоа тоа му се сметаше за праведност. Но, не само за него е напишано де­ка му се сметаше, туку и за нас: ќе ни се смета, ако ве­руваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исус Христос, нашиот Господ, предаден за нашите гревови и вос­креснат за наше оправдание.

Римјаните 4:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, што ќе речеме дека нашиот прататко Авраам добил по тело? Зашто, ако е Авраам оправдан врз основа на своите дела, може да се фали, но не пред Бога! Но, што вели Писмото: „Авраам Му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.“ А на оној, кој работи, платата не му се засметува по милост, туку по долг; додека на оној, кој не работи, а верува во Оној, Кој го оправдува безбожникот, неговата вера му се засметува за праведност, така и Давид го наречува блажен човекот, кому Бог му ја засметува праведноста без дела: “Блажени се оние, чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени! “Блажен е човекот, кому Господ не му засметува грев!“ Дали блаженството се однесува само за обрезаните, или и за необрезаните? Зашто ние велиме: „На Авраама верата му се засмета за праведност.“ Па како му се засмета? Кога беше обрезан или кога беше необрезан? Не кога беше обрезан, туку кога беше необрезан. И го прими знакот на обрезанието како печат на праведноста, што ја доби преку верата како необрезан, за да им биде татко на сите, кои веруваат како необрезани; за да им се засмета и ним тоа во праведност, и да им биде татко и на обрезаните, но не на оние, кои се само обрезани, туку кои и одат по стапките на верата на нашиот татко Авраам, која ја имаше додека уште беше необрезан. Зашто, ветувањето на Авраама, или на неговото потомство, дека ќе биде наследник на светот, не дојде преку Законот, туку преку праведноста од верата. Имено, ако се наследници само оние од Законот, тогаш верата е без значење; и ветувањето е поништено. Зашто Законот донесува гнев; а каде нема Закон нема ни престапување! Затоа тоа е од верата, за да биде по благодат, така што ветувањето да му биде обезбедено на сето потомство; не само на она од Законот, туку и на она од Авраамовата вера; кој е татко на сите нас, како што е напишано: „Те поставив татко на многу народи“ - пред Бога; Кому Му поверува; Кој ги оживува мртвите и ги повикува оние нешта што не се во битие. Без надеж, тој се надеваше и поверува дека ќе стане татко на многу народи, според реченото: „Такво ќе биде твоето семе.“ И не ослабна во верата, кога го имаше во предвид своето веќе умртвено тело, зашто беше околу сто години, и умртвеноста на Сарината утроба; не се посомнева во Божјото ветување, туку зајакна во верата и Му даде слава на Бога, наполно уверен дека е силен да го исполни она што го ветил. Затоа тоа му се засмета за праведност. Но не е напишано само за него „дека му се засмета“ туку и за нас на кои ќе ни се засмета, затоа што веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, нашиот Господ. Кој беше предаден за нашите гревови и беше воскреснат за наше оправдание.