Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 4:1-25

Римјаните 4:1-25 MK2006

А што би можеле да кажеме дека добил нашиот прататко по тело Авраам? Зашто ако Авраам се оправдал со дела, тој заслужува пофалба, но не пред Бога. Впрочем што вели Писмото? – „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.“ На оној што работи, платата му следува не по милост, туку по долг. Напротив, оному, кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува без­божникот, верата му се смета за праведност. Така и Давид го нарекува блажен оној човек, кому Бог му смета за пра­ведност независно од делата, велејќи: „Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени; блажен е оној човек кому Бог нема да му смета за грев!“ А дали ова блаженство се однесува са­мо за обрезаните или и за необрезани­те? Бидејќи велиме дека на Авраам ве­ра­та му се сметаше за праведност. Кога му се сметаше? По обрезанието или пред обрезанието? Не по обре­занието, туку пред обрезанието. И знакот на обрезанието тој го доби како печат на праведност што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието, за да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним тоа да им се смета за праведност, и да им биде татко на обрезаните, но не на оние кои обрезанието само го примиле, туку кои врват и по стапките на верата од нашиот татко Авраам, пред обрезанието. Впрочем ветувањето кон Авраам или кон семето негово – дека ќе биде наследник на светот – беше дадено не преку Законот, туку преку праведноста на верата. Зашто ако можат да бидат наследници само оние што имаат Закон, то­гаш и верата нема никакво значење, и ветувањето е поништено; зашто Законот породува гнев; каде што, пак, нема Закон, нема ни престап. Затоа тоа е од верата, за да биде по милост, та и ветувањето да биде заздра­вено не само по Законот, туку и по ве­ра­та за сите потомци Авраамови, кој ни е татко на сите нас, според напишаното: „Те поставив да бидеш татко на многу народи“ – пред Бога, Кому тој Му поверува, Кој ги оживува мртвите и го повикува да суш­тествува, она што не суштествува. Авраам, без никаква основа за на­деж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според рече­но­то: „Такво ќе биде твоето потомство.“ И откако не ослабна верата негова, тој не помисли дека телото негово е веќе безживотно, зашто беше речиси стогодишен, и дека утробата Сарина е речиси веќе безживотна; и во ветувањето Божјо не се посомнева со неверие, туку остана со цврста вера и Го прослави Бога, наполно уверен дека Тој е силен да го изврши она што го ветил. Затоа тоа му се сметаше за праведност. Но, не само за него е напишано де­ка му се сметаше, туку и за нас: ќе ни се смета, ако ве­руваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исус Христос, нашиот Господ, предаден за нашите гревови и вос­креснат за наше оправдание.