Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 2:17-29

Римјаните 2:17-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ете, ти се нарекуваш Јудеец, и се потпираш на Законот, и со Бога се фалиш, и ја знаеш волјата Негова, и повеќе разбираш што е подобро, зашто се по­у­чуваш од Законот, и уверен си дека си водач на слепци, а светлина на оние што се во мрак; наставник на неразумни, учител на младината, зашто образец на знаењето и вистината имаш во Законот. Но, како е можно тоа да учиш дру­ги, а себе самиот да не се учиш? Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш; кој велиш да не се врши прељу­ба, а прељубодејствуваш; ти, кој се гна­сиш од идолите, а крадеш од храмовите; ти, кој се фалиш со Законот, а прес­та­пувајќи го Законот, зарем не Го сра­мотиш Бога? „Зашто поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците“, – така стои напишано. Обрезанието е навистина полезно, но ако го извршуваш Законот. Ако, пак, правиш престапи против Законот, обре­занието твое станува необрезание. И така, ако необрезаниот ги пази одредбите на Законот, тогаш нема ли неговото необрезание да се смета како обрезание? И необрезаниот по тело, из­вр­шу­вај­ќи го Законот, нема ли да те осуди тебе, кој и покрај Писмо и обрезание си ста­нал престапник на Законот? Зашто не е прав Јудеец оној, кој е таков по надворешност, ниту право обрезание она, кое е надворешно, врз телото, туку оној, кој е внатрешно таков, и она обрезание, што е во срцето, по дух, а не по буква. Неговата пофалба не по­текнува од луѓето, туку од Бога.

Римјаните 2:17-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Ако си Евреин, ти се потпираш на Божјиот Закон, фалејќи се со посебната поврзаност на твојот народ со Бог. Ја познаваш Божјата волја и знаеш да го одбереш она што е најдобро, бидејќи си учел од Божјиот Закон. Уверен си дека можеш да им бидеш водач на слепите, светло на луѓето што се загубени во мрак, не познавајќи го Бога. Сметаш дека можеш да ги упатуваш неупатените и да ги учиш незрелите, уверен дека Божјиот Закон ти дал совршено познавање на вистината. Но, учејќи ги другите, зошто самиот не се поучиш!? Ти што проповедаш да не се краде, дали и самиот не крадеш!? Ти што други учиш да не прават прељуби, дали и самиот не правиш прељуби!? Ти што се гнасиш од идоли, дали и самиот не крадеш од храмовите? Толку се фалиш со Божјиот Закон, а го прекршуваш, и Му нанесуваш срам на Бог! Токму така и стои запишано во Светото Писмо: „Поради вас другите народи го навредуваат Божјото име!“ Од еврејскиот обичај на обрежување има полза само ако се придржуваш кон Божјиот Закон. Ако го прекршуваш, твоето обрежување е безвредно. Затоа, ако необрезан човек се придржува кон Божјиот Закон, зарем нема да се смета за еднакво добар со обрежаните? Оние што телесно не се обрежани, а се придржуваат кон Божјиот Закон, ќе ве судат вас кои, иако го имате Божјиот Закон во пишана форма и сте обрежани, сепак го прекршувате. Зашто, да се биде вистински Евреин не се доволни само телесните податоци и телесното обрежување, туку вистински Евреин е оној чие срце му припаѓа на Бог, а вистинско обрежување е духовниот препород во срцето. Тоа е дело на Светиот Дух, а не на пишаниот Закон. Оној што доживеал таква промена, ќе бара пофалба од Бог, а не од луѓето.

Римјаните 2:17-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ако ти, кој се наречуваш Јудеец, се потпираш на Законот и се фалиш со Бога, ја знаеш Неговата волја и, поучен од Законот, знаеш да го избереш подоброто; и си уверен дека си водач на слепци, светлина на оние, кои се во темнина, воспитач на неразумните, учител на младите, зашто имаш во Законот олицетворување на знаењето и вистината; и така, ти, кој го учиш другиот, не ли се учиш самиот себе? Ти, кој проповедаш да не се краде, крадеш ли? Ти, кој зборуваш да не се прави прељуба, не вршиш ли прељуба? Ти, кој се гнасиш од идолите, ги ограбуваш ли нивните храмови? Ти, кој се фалиш со Законот, Го обесчестуваш ли Бога со престапување на Законот? “Па заради вас се хули Божјото име меѓу народите“ - како што е напишано. Секако, обрезанието е полезно, ако го исполнуваш Законот; но ако си престапник на Законот, твоето обрезание станува необрезание. И така, ако необрезаниот ги пази прописите на Законот, нема ли неговото необрезание да му биде сметано како обрезание? И така, оној, кој не е телесно обрезан, а го исполнува Законот, ќе ти суди тебе, кој си престапник на Законот - и покрај тоа што го имаш словото на Законот и обрезанието. Зашто не е Јудеец оној, кој е тоа надворешно, ниту е вистинско обрезание она, што е надворешно - врз телото - туку Јудеец е оној, кој е тоа во внатрешноста; а вистинското обрезание на срцето е по Дух, а не по буква. Неговата пофалба не е од луѓето, а од Бога.