Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 15:5-13

Римјаните 15:5-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

А Бог, Кој е изворот на нашата стрпливост и утеха, нека ви даде слога меѓу вас и секој да го следи примерот на Исус Христос, па сите заедно и сложно да Го прославувате Бога, Таткото на нашиот Господ Исус Христос. Прифаќајте се еден со друг, како што Христос ве прифати вас. Со тоа Бог ќе биде прославен. Сакам да знаете дека Христос им стана слуга на Евреите за да го исполни ветувањето што Бог им го беше дал на нивните предци, а исто така и сите други народи да Го прославуваат Бога заради Неговата милост, како што е напишано во Светото Писмо: „Затоа ќе Ти донесам слава меѓу нееврејските народи, ќе Му пеам славопои на Твоето име!“ И на друго место вели: „Радувајте се и вие што не сте Евреи, заедно со Божјиот народ, Евреите!“ И повторно: „Славете Го Господа сите народи, Него нека Го слават сите луѓе!“ А Исаија вели: „Ќе се појави потомок на Давид, ќе им стане владетел на нееврејските народи, кои својата надеж во Него ќе ја положат!“ Сега Бог, изворот на надежта, нека ве исполни со радост и со мир заради вашата вера во Христос, а вашата надеж нека продолжи силно да расте и да се поткрепува од силата на Светиот Дух.

Римјаните 15:5-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие меѓу себе, според примерот на Христос Исус, та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос. Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими, заради славата Божја. Но велам дека Исус Христос стана служител на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците, а, пак, незнабошците да Го прос­ла­ват Бога за милосрдието, како што е на­пишано: „Затоа Те прославувам, Гос­по­ди, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име.“ И понатаму се вели: „Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!“ И понатаму: „Фалете Го Господ сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!“ Исаија, исто така вели: „Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите.“ А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.

Римјаните 15:5-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И Бог на трпението и утехата да ви даде едномислие меѓу вас по примерот на Исуса Христа, за да Го славите, еднодушно, со една уста, Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос. Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за Божјата слава! Зашто велам, дека Христос им послужи на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците; а пак народите Го прославуваат Бога поради Неговото милосрдие, како што е напишано: „Затоа ќе Те исповедам меѓу народите и ќе Му пеам на Твоето име.“ И пак рече:“ Веселете се, народи, со Неговиот народ!“ И пак: „Фалете Го Господа сите народи и да Го слават сите племиња!“ И пак Исаија вели: „Ќе се јави подник од Јесеевиот корен, и Оној Кој станува за да владее над народите; на Него ќе се надеваат народите!“ А Бог на надежта да ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух да ви се збогати надежта.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност