Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 5:1-10

Откровение 5:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа, во десната рака на Оној што седеше на престолот забележав Книга испишана и однадвор и однатре, запечатена со седум печати. Тогаш видов и еден силен ангел кој со многу силен глас запраша: „Кој е достоен да ја отвори Книгата, да ги скрши нејзините печати?“ Но не се најде никој, ни на небото, ни на Земјата, ниту пак во Подземниот свет, што можеше да ја отвори Книгата и да ја прочита. Јас многу плачев поради тоа што не се најде ниту еден што ќе биде достоен да ја отвори Книгата и да ја прочита. Тогаш еден од старешините ми рече: „Не плачи! Еве Го Победникот - Лавот од племето на Јуда, Давидовиот Потомок - Тој ќе ги скрши печатите и ќе ја отвори Книгата!“ Тогаш погледнав и Го видов Јагнето. Стоеше сред престолот, опкружено со четирите суштества и со дваесет и четирите старешини. Јагнето имаше лузна како некогаш да било заклано. Имаше седум рогови и седум очи, кои Го претставуваа седумкратниот Божји Дух испратен по целата Земја. Јагнето пристапи и ја зеде Книгата што ја држеше во десната рака Седнатиот на престолот. Кога Јагнето ја зеде Книгата, четирите суштества и дваесет и четирите старешини паднаа ничкум пред Него. Секој од нив во рацете имаше харфа и златен пехар полн со запален темјан, што ги претставуваше молитвите на Божјите луѓе. Тие пееја нова песна со следниве зборови: ,Ти Си достоен да ја земеш Книгата, да ги скршиш нејзините печати и да ја отвориш, зашто Ти беше убиен и со Својата крв откупи за Бог луѓе од сите племиња, јазици, народи и раси. Нив ги направи Божјо царство и Негови свештеници кои ќе владеат на Земјата.“

Откровение 5:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И видов во десницата на Оној Кој седеше на престолот, книга на­пи­шана однатре и однадвор, запечатена со седум печати. И видов силен ангел што викаше со висок глас: „Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?“ И никој не можеше ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа. И јас многу плачев, што никој не се најде достоен да ја отвори и да ја про­чи­та таа книга, ниту да ѕирне во неа. А еден од старешините ми рече: „Не плачи! Ете, Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!“ Погледав, и ете, сред престолот и четирите животни и сред старешините стоеше Јагнето, како заклано, со седумте рога и седумте очи, кои се се­думте духови Божји, пратени по целиот свет. Тој дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот. И кога ја зеде книгата, четирите жи­вотни и дваесет и четирите Старешини паднаа пред Јагнето, држејќи секој од нив харфа и златни чаши, полни со темјан, кои се молитвите на светиите; и пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе, и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваме на земјата!“

Откровение 5:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И видов во десницата на Оној, Кој седеше на престолот, книжен свиток, напишан одвнатре и однадвор, запечатен со седум печати. И видов силен ангел како објавува со голем глас: „Кој е достоен да го отвори свитокот и да ги скрши неговите печати?“ И никој ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, не можеше да го отвори книжниот свиток, ниту да погледне во него. А јас плачев многу, зашто не се најде никој достоен да го отвори и да го прочита свитокот, ниту да погледне во него. И еден од старешините ми рече: „Не плачи, ете, победи Лавот од Јудиното племе, Давидовиот корен, па може да го отвори свитокот и да ги одврзе неговите седум печати. Видов, и ете, среде престолот и четирите живи суштества и среде старешините: Јагне, што стои како заклано, со седум рогови и седум очи; тоа се седумте Божји Духови, пратени по целата земја. И дојде и го зеде книжниот свиток од десницата на Оној, Кој седи на престолот. И кога го зеде свитокот, четирите живи суштества и дваесет и четирите старешини паднаа пред Јагнето, и секој имаше китара и златни чаши, полни со темјан, а тоа се молитвите на светите. И пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да го земеш книжниот свиток и да ги отвориш неговите печати, зашто беше заклан и зашто со Својата крв ги откупи за Бога од секое племе и јазик и народ и народност, и ги направи на нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваат на земјата.