Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 2:1-7

Откровение 2:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

До гласникот на црквата во Ефес, напиши го следново: Ова ви го порачува Оној што ги држи седумте ѕвезди во Својата десна рака и што оди меѓу седумте златни свеќници: Познати Ми се вашите дела, труд и трпение. Знам дека не поднесувате зли луѓе. Кога некои луѓе се прикажувале за апостоли, а не биле, вие сте ги провериле и сте утврдиле дека тие се лажливци. Непоколебливи и неуморни сте, иако имате претрпено многу заради Мене. Но имам нешто против вас: Вие веќе немате таква љубов спрема Мене, каква што имавте на почетокот! Присетете се кај бевте, а кај паднавте сега! Покајте се и постапувајте како на почетокот! Инаку, ако не се покаете, ќе дојдам кај вас и ќе ви го земам свеќникот! Сепак, ова ви е добро: го мразите она што го прават николаитите, како што и Јас го мразам. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите! На оние што ќе извојуваат победа, ќе им дадам да јадат од животодавното дрво што се наоѓа во Божјата градина.

Откровение 2:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

На ангелот на Ефеската црква напиши му: ова го вели Оној Кој ги држи седумте ѕвезди во десницата Своја, Кој оди среде седумте свеќници; ги знам делата твои, трудот твој и трпението твое, и дека не можеш да ги поднесеш лошите; знам дека си ги испитал оние што себеси се нарекуваат апостоли, а не се, и дека си утврдил дека се лажговци; дека имаш трпение, дека си поднесувал за името Мое и дека не си се уморил. Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов. Спомни си од каде си паднал и покај се, и врши ги поранешните дела; ако не, скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам свеќникот твој од местото негово, ако не се покаеш. А ова го имаш: ги мразиш делата на николаитите, кои и Јас ги мразам. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на Црквите: – на оној што победува ќе му дадам да јаде од дрвото на животот што е сред Божјиот рај.

Откровение 2:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

На ангелот на црквата во Ефес напиши му: ова го зборува Оној, Кој ги држи седумте ѕвезди во Својата десница, Кој оди среде седумте златни светилници. Ги знам твоите дела и твојот труд и твоето трпение; и дека не можеш да ги поднесуваш лошите, и ги испита оние, кои тврдеа дека се апостоли, а не се, и најде дека се лажци; и имаш трпение, и си претрпел за Моето име, си се трудел, и не се умори. Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов. И така, спомни си од каде падна, и покај се, и врши ги своите први дела; а ако не, скоро ќе дојдам при тебе и ќе го отстранам твојот светилник од неговото место, ако не се покаеш. Туку ова го имаш: ги мразиш делата на николаитите, кои и Јас ги мразам. Кој има уво, нека чуе, што им говори Духот на црквите: „На оној, кој победува, ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое што е среде Божјиот рај!“