Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 68:1-10

Псалми 68:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Нека се крене Бог, и да се распрс­нат непријателите Негови; нека се разбегаат пред лицето Негово оние што Го мразат. Како што димот исчезнува, така да исчезнат; како што восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо! А праведните да се развеселат, да се зарадуваат пред Бога и да Го просла­вуваат во радоста. Пејте Му на Бога, пејте Му на Него­вото име; направете Му пат на Оној, Кој се движи по небото; името Му е Господ, и радувајте се пред Него. Татко на сираците и Заштитник на вдовиците; Тој е Бог во Своето свето место. Бог им дава домови на напуштени­те, ги ослободува од окови затворени­ците, а непокорните остануваат да живеат во пеколна пустина. Боже, кога Ти излегуваше пред Тво­јот народ, кога чекореше по пустината, земјата се тресеше и небесата истураа дожд пред Бога, Бог на Синај – пред Бога, Бог Израелов. Изобилен дожд изли Ти, Боже, врз Твоето наследство, и кога тоа изнемош­туваше, Ти го поткрепуваше. Стадата Твои живеат на неа; во Својата добрина, Боже, Ти се погрижи и за сиромасите.

Псалми 68:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Нека се крене Бог! Нека се разбегаат Неговите непријатели, нека избегаат пред Него сите Негови мразители! Како што исчезнува димот, нека ги снема и нив! Како што се топи восокот врз оган, така нека ги снема грешниците пред Божјото лице! Нека се радуваат праведните, нека Му пеат на Бога, нека воскликнуваат од радост. Пејте на Бога, славете го Неговото име! Порамнете го патот на Оној, Кој оди низ пустината, чие име е Господ - и радувајте се пред Него! Татко на сирачињата, бранител на вдовиците, Бог е во Своето свето Живеалиште. Бог ќе ги настани осамените во семејства, на затворениците ќе им даде среќна слобода: само бунтовниците останаа во безводната пустина. Боже, кога чекореше пред Својот народ, додека поминуваше низ пустината, земјата се тресеше, небото росеше пред Бога, Синај трепереше пред Бога, Израелевиот Бог. Боже, Ти испрати благословен дожд на Своето наследство, го зајакна кога беше уморно. Твоето стадо се насели во него, со добрина Боже, Ти го подготви за сиромашниот.