Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 68

68
Господ - Бог на сета земја
1. Бог во време на Излез
За началник на пејачи. Давидов псалм. Песна.
1Нека се крене Бог! Нека се разбегаат Неговите непријатели, нека избегаат пред Него сите Негови мразители! 2Како што исчезнува димот, нека ги снема и нив! Како што се топи восокот врз оган, така нека ги снема грешниците пред Божјото лице! 3Нека се радуваат праведните, нека Му пеат на Бога, нека воскликнуваат од радост. 4Пејте на Бога, славете го Неговото име! Порамнете го патот на Оној, Кој оди низ пустината, чие име е Господ - и радувајте се пред Него!
5Татко на сирачињата, бранител на вдовиците, Бог е во Своето свето Живеалиште. 6Бог ќе ги настани осамените во семејства, на затворениците ќе им даде среќна слобода: само бунтовниците останаа во безводната пустина.
2. Бог во пустина
7Боже, кога чекореше пред Својот народ, додека поминуваше низ пустината, 8земјата се тресеше, небото росеше пред Бога, Синај трепереше пред Бога, Израелевиот Бог. 9Боже, Ти испрати благословен дожд на Своето наследство, го зајакна кога беше уморно. 10Твоето стадо се насели во него, со добрина Боже, Ти го подготви за сиромашниот.
3. Бог при заземање на Ханаан
11Господ даде слово: големо е мноштвото на радосните известители: 12Царевите на војските бегаат и бегаат, домаќинките го разделуваат запленетото. 13Додека вие се одморувавте меѓу стадата, крилата на гулабицата заблистаа со сребро, а нејзиното перје со жолтикаво злато: 14таму Сѐмоќниот ги разбиваше царевите, а таа заблеска како снег на Селмон.
4. Бог на Сион
15Божја планина е Васанската планина; високата Гора, е Васанска Гора. 16Зошто вие, врвлести планини, гледате со завист на гората, каде Бог благоволи да живее? Господ ќе престојува на неа секогаш! 17Божјите воени коли се безбројни, илјадници илјади: Господ доаѓа од Синај во Своето Светилиште! 18Издигајќи се на височина, водејќи ги заробениците, Ти доби дарови меѓу луѓето, а и меѓу бунтовниците - за да се настаниш таму Господе Боже!
5. Бог на спасение
19Благословен да е Бог од ден на ден, Бог нѐ носи, нашиот Спасител. 20Нашиот Бог е Бог Кој спасува, Господ избавува од смрт. 21Навистина, Бог ќе ги скрши главите на Своите непријатели, влакнестото теме на оној, што оди во гревови. 22Господ рече: „Ќе ги доведам од Васан, ќе ги доведам од длабочината на морето, 23за да ја капеш ногата во крв, за да имаат јазиците на твоите кучиња дел од непријателот.
6. Бог во Светилиште
а. Свечено одење во Храм
24Боже, го гледаат влегувањето, влегувањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето: 25Напред пеачи, по нив свирачи, во средина - девици со даириња. 26„Славете Го Бога на свечени собранија, славете Го Бога, Израелеви синови!“ 27Најмладиот, Венијамин, ги предводува, кој оди пред нив, таму се Јудините кнезови со своите чети, Завулоновите кнезови и Нефталимовите кнезови.
б. Обратување на народи кон Бога
28Боже, покажи ја Својата сила, силата, Боже, со која се бориш за нас 29од Својот Храм во Ерусалим! Нека Ти носат царевите дарови! 30Скроти го ѕверот во трската, стадо бикови со телиња на народите! Нека се опростат пред Тебе со сребрените жезли: распрсни ги народите, кои ја сакаат војната! 31Нека дојдат големците од Египет, Етиопија нека Му пружи рака на Бога!
в. Фала Му на Бога на сета земја
32Сите царства на светот пејте Му на Бога, славете Го Господа, 33Кој се вози по небото, по исконското небо! Чуј, грми со гласот, со Својот силен глас: 34„Признајте ја Божјата сила!“ Неговото величество над Израел, Неговата сила во облаците! 35Страшен е Бог од Своето Светилиште. Израелевиот Бог му дава моќ и сила на Својот народ. Благословен да е Бог!

Селектирано:

ПСАЛМИ 68: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се