Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 69

69
Месијански псалм - молитва за избавување
1. Молитва и испитување на псалмопевец
За началник на пејачи. На Шошаним. Давидов псалм.
1Спаси ме, Боже, водите ми стигнаа до грлото! 2Потонав во длабока тиња и нема каде да ја ставам ногата; тонам во длабока вода, брановите ме покриваат. 3Изнемоштев од викање, грлото ми зарипна, очите ми се истоштија, чекајќи Го мојот Бог. 4Побројни се од влакната на мојата глава, оние што ме мразат за ништо. Потврди се од моите коски, оние што ми се противат неправедно: Зар можам да вратам она што не сум ограбил?
5Боже, Ти ја знаеш мојата безумност, не Ти се скриени моите гревови. 6Нека не се засрамат заради мене, оние што се надеваат на Тебе, Господи, Господи, над Воинствата! Нека не се засрамат заради мене, кои Те бараат Тебе, Боже Израелев! 7Зашто заради Тебе, претрпев навреда и срам ми го покри лицето. 8Туѓинец им станав на браќата и странец на децата на својата мајка. 9Зашто ме изеде ревноста за Твојот Дом и навредите на оние, што Те навредуваат Тебе, паднаа на мене. 10Душата ја измачував со пост, ми се сврте на срам. 11Зедов вреќа за облека и им станав приказ. 12Кои седат пред вратата, зборуваат против мене, пијаниците ми пеат шеговити песни.
2. Засилена молитва за избавување
13Но Тебе Ти се молам, Господи, во време на милоста Боже; услиши ме според Твојата голема добрина, според верноста на Твоето спасение! 14Извлечи ме од калта, за да не потонам, избави ме од оние што ме мразат - од длабоките води. 15Не оставај да ме покријат брановите, не оставај да ме проголта длабочината, не оставај бездната да ја затвори устата над мене!
16Услиши ме, Господи, зашто е благо Твоето милосрдие, погледај на мене, според Твојата голема милост! 17Не го скривај лицето пред Твојот слуга; зашто сум притеснет, услиши ме брзо! 18Приближи ѝ се на мојата душа и спаси ја; ослободи ме заради моите непријатели! 19Ти знаеш како ме навредуваат, засрамуваат и срамат, пред Твоите очи се сите што ме измачуваат.
20Навредувањето ми го скрши срцето и се истоштив, чекав некој да се сожали над мене, ама немаше никој. И некој да ме утеши, ама не го најдов. 21Во јадењето ми замешаа жолчка, во мојата жед ме напоија со киселина.
3. Одмазда врз непријатели
22Трпезата нека им биде примка, а жртвените гозби стапица! 23Нека им се смрачат очите за да не гледаат, нека им ослабеат боковите засекогаш. 24Излеј ја Својата лутина врз нив, нека ги зафати жарот на Твојот гнев! 25Нека им запусти нивното живеалиште, нека не живее никој во нивниот шатор! 26Зашто го гонеа оној, кого Ти го искара, болката му ја зголемуваат на оној, кого Ти го рани. 27Врз нивното беззаконие додај уште вина, да не се оправдаат пред Тебе! 28Нека бидат избришани од книгата на живите, нема да бидат вброени меѓу праведниците.
4. Заклучна фалба и увереност
29А јас сум беден и болен - нека ме штити Твојата помош, о Боже! 30Ќе Го фалам Божјото име со песни, ќе Го величам со зафалници. 31Тоа ќе Му биде помило на Господа отколку жртвен бик, помило од јунец со копита и рогови. 32Гледајте, бедни, и радувајте се, нека ви оживее срцето на сите, кои Го барате Бога. 33Зашто Господ ги слуша сиромасите, Тој не ги презира Своите пленици.
34Нека Го фалат небесата и земјата, морињата и сѐ што се движи во нив. 35Зашто Бог ќе го избави Сион - Тој ќе ги изгради Јудините градови - тие ќе живеат таму, ќе имаат наследство. 36Ќе го наследат и потомците на Неговите слуги, ќе престојуваат во него оние, кои Го љубат Божјото име.

Селектирано:

ПСАЛМИ 69: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се