Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 65:1-13

Псалми 65:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тебе, Боже, Ти припаѓа похвалата на Сион, и Тебе ќе Ти се даваат завети. Ти услишуваш молитви, кај Тебе ќе дојде секоја плот. Кога грешни дела нѐ совладуваат, Ти ги простуваш нашите престапи. Блажен е оној, кого Ти си го избрал и примил да живее во Твоите дворови; дај да се наситиме со добрини од Твојот дом, од светоста на Твојот храм. Преку чудесни дела ни одговараш и нѐ избавуваш, Боже, Спасителе наш, Ти си надеж на сите земни краишта и на оние што се далеку преку морето. Ти, Кој горите си ги поставил со силата Своја и со моќ си се препашал, Ти Кој ја замолкнуваш морската бучава, шумот што го прават брановите, и буните кај народите. И се плашат сите оние што жи­веат на крајот на светот, од чудесата Твои: Ти создаваш радост каде што утрото се раѓа и вечерта заоѓа. Ти ја посетуваш Земјата, ја напојуваш, ја збогатуваш: потокот Божји е полн со вода; си им приготвил храна на луѓето, бидејќи така си ја подготвил: ги напојуваш браздите нејзини, и ги порамнуваш грутките нејзини и со дождовни капки ја благословуваш да раѓа плодови; ја овенчуваш годината со Твојата добрина и колите Твои полни се со пло­дови. Се појавуваат пасишта по пустините и ритчињата се исполнуваат со ра­дост. Ливадите се китат со стада, а до­лините се редат со плодови: сите вос­кликнуваат и пеат.

Псалми 65:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Боже, Тебе Ти припаѓа песна на Сион, пред Тебе се исполнува заветот - Ти ја послушуваш молитвата. Секое тело доаѓа при Тебе. Нашите гревови натежнаа, нашите престапи Ти ги очистуваш. Блажен кого го избра и го зеде при Себе: тој живее во Твоите дворови. Да се наситиме со благата на Твојот дом и со светоста на Твојот Храм. Чудесно нѐ услишуваш во Својата правда, о Боже, наше спасение, надеж на сите краишта на светот и на далечните мориња. Ги утврдуваш планините со Својата јачина, препашан со сила. Ги скротуваш: шумот на морето, шумот на брановите и вревата на народите. Оние што живеат на крајот на земјата, се плашат од Твоите знаци; ги полниш со радост утрата и вечерите. Ти ја посетуваш земјата и Ти ја напојуваш, ја збогатуваш неа многу. Божјата река се наполни со вода, Ти им обезбедуваш жито на луѓето. Вака ја подготви земјата: ѝ ги напојуваш браздите, ѝ ги израмнуваш грутките; ја размекнуваш со дожд, ѝ ги благословуваш посевите. Ти ја овенча годината со Својата благост, плодност никнува зад Твоите стапалки. Пустинските пасишта капат од изобилство, ридовите се препашуваат со радост. Ливадите се китат со стада, долините се покриваат со жито; насекаде радосни воскликнувања, песна.