Псалми 6:1-10
Псалми 6:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Господи, не карај ме во јароста Своја и не казнувај ме во гневот Свој. Смилувај се на мене, Господи, бидејќи сум немоќен; исцели ме, Господи, зашто коските ми се тресат; и душата ми е потресена. А Ти, Господи до кога? Врати се, Господи, избави ја душата моја, спаси ме поради милоста Своја, бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе? Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја. Од скрб ми се помрачи окото мое, ми ослабе поради сите мои непријатели. Отстапете од мене сите вие, кои вршите неправда, зашто Господ го услиша гласот на мојот плач. Господ ја услиша молбата моја, Господ ја прими молитвата моја. Ќе се посрамат и уплашат сите мои непријатели; ќе се повлечат и веднаш ќе се засрамат.
Псалми 6:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Господи, не ме изобличувај во Својата лутина, ниту ме казнувај во Својот гнев. Смилувај ми се, Господи, зашто сум изнемоштен, Господи, исцели ме, зашто моите коски треперат. Исто и мојата душа е силно потресена; а Ти Господи до кога? Врати се, Господи, избави ми ја душата; спаси ме заради Твојата милост, зашто во смртта не спомнуваат за Тебе; кој ќе Те слави во Подземјето? Се заморив од своите воздишки; секоја ноќ ја залевам со плачење својата постела; со солзи го натопувам своето легло. Моето око гасне и слабее од жалост, зашто се многу моите непријатели. Отстапете од мене сите, што правите беззаконие зашто Господ го чу мојот плач. Господ ја чу мојата молба; Господ ја прими мојата молитва! Нека се засрамат и нека се збунат сите мои непријатели; нека се вратат назад, нека се засрамат веднаш!