Псалми 27:1-14
Псалми 27:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам? Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе стравувам? Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели за да го изедат телото мое, се сопнаа и паднаа. И полк да се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе бидам полн со доверба. Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да се поучувам во Неговиот свет храм, зашто во злочест ден Тој би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на Своето живеалиште; би ме искачил на карпа. Тогаш главата моја ќе се издигне над непријателите што ме опкружуваат; и јас ќе принесам во скинијата Негова жртва поради радоста, па ќе пеам и ќе Го фалам Господа. Чуј го, Господи, гласот мој, бидејќи кон Тебе викам смилувај ми се и услиши ме. Срцето мое ми вели: „Барај го лицето Негово!“; и јас го барам лицето Твое, Господи. Не сокривај го од мене лицето Свое; не одбивај го во гневот слугата Твој. Биди мој помошник; не отфрлувај ме и не оставај ме, Боже, Спасителе мој! Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прибере. Научи ме, Господи, на Твојот пат и води ме по рамна патека, поради непријателите мои; не предавај ме на своеволноста на непријателите, зашто останаа против мене лажни сведоци со насилство во нивните носници. Но јас верувам дека ќе ја видам Господовата добрина во земјата на живите. Надевај се во Господ, биди бодар; нека е цврсто срцето твое; надевај се во Господ!
Псалми 27:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Господ ми е светлина и спасение, од кого да се плашам? Господ е штит на мојот живот, пред кого да треперам? Кога ќе се доближат до мене злосторниците, моите противници и непријатели, за да ми ја изедат снагата, тие се сопнуваат и паѓаат. Ако војска се крене против мене, моето срце не се бои; ако избувне и војна против мене, и тогаш сум полн со надеж. За едно Му се молам на Господа, само тоа го барам: Да живеам во Господовиот дом, во текот на сите дни на мојот живот; да уживам во Господовата убавина, и да истражувам во Неговиот Храм. Тој ме засолнува во Својот шатор, во зол ден; ме крие во скрилница на Својот шатор, Тој ме издига на карпа. И сега ја кревам главата над непријателите што ме опкружуваат. Ќе принесувам радосни жртви во Неговиот шатор, ќе пеам и ќе се радувам во Господа. О, Господи, слушај го мојот глас кога викам, биди ми милостив и услиши ме! Моето срце зборува: „Барај го Моето лице!“ Да, го барам Твоето лице, Господи. Не го криј Твоето лице од мене! Не отфрлај го во гнев Твојот слуга! Ти, помош моја, не ме отфрлај! И не оставај ме, Боже, Спасителу мој! Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими. Научи ме, Господи, на Својот пат, поведи ме по рамна патека, заради моите противници. Не ме предавај на бесот на моите непријатели, зашто лажни сведоци станаа против мене, кои дишат со насилство. Верувам дека ќе ги уживам Господовите добрини во земјата на живите. Надевај се на Господа, охрабри се! Нека биде цврсто твоето срце! Да, чекај Го Господа!