Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 139:1-12

Псалми 139:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Господи, Ти си ме испитал и ме зна­еш. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалеку ги разбираш мислите мои. Одам или лежам, Ти сѐ гледаш, сите патишта мои си ги предвидел. Уште зборови не ми дошле до јази­кот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш: Ти ме опкружуваш, зад мене си, пред мене си; раката Твоја е поло­жена над мене. Се восхитувам на Твоето знаење, – тоа е превисоко, не можам да му пријдам! Каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам? Ако се искачам на небото – Ти си таму; ако слезам во Подземјето, Ти си и тука. Ако ги земам крилјата на зората и се преселам на крајот од морето, – и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи. Ако речам: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене; и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина.

Псалми 139:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господи, ме согледуваш целиот и ме познаваш, Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, веќе оддалеку ги знаеш моите мисли. Дали одам или лежам, Ти гледаш сѐ, познати ти се сите мои патишта. Додека мојот збор уште не дошол до јазикот, а Ти, Господи, веќе сѐ знаеш. Ти ме опфаќаш од плеќите и од лицето, Твојата рака ја стави врз мене. Тоа знаење премногу е чудно за мене, превисоко е, за да можам да го стигнам. Каде да одам од Твојот Дух и каде да побегнам од Твоето лице? Ако се вознесам на небото: таму си, ако легнам во подземјето: и таму си. Ако ги земам крилата на зората и се населам на крајот на морето, и таму, Твојата рака ќе ме води, Твојата десница ќе ме држи. Ако речам: „Нека ме скријат темнините, но дури и ноќта ќе биде како светло околу мене!“ Ни темнината за Тебе не ќе биде темна: ноќта свети како ден и темнината е како светлина.