Псалми 101:1-8
Псалми 101:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ќе пеам за верноста и за правдата – Тебе, Господи, ќе Ти свирам! Ќе размислувам за патот непорочен: кога ќе го достигнам? Среде мојот дом ќе одам со чисто срце. Нема да ставам пред очите мои ништо пакосно; ги мразам делата на отпадниците – тие нема да се прилепат за мене. Развратно срце нема да се прилепи до мене; за лукавиот не сакам да знам. Оној што тајно го клевети ближниот свој, ќе го погубам; оној што е со горделиви очи и ненаситно срце, не го поднесувам. Очите ми се управени кон верните по земјата, за да седат со мене; кој оди по патот непорочен, тој ќе ми служи. Нема да остане во мојот дом оној, кој прави сплетки; кој говори лага, не можеше да остане пред очите мои. Секојдневно ќе ги истребувам сите нечестиви од земјата, за да ги истребам од Господовиот град сите злосторници.
Псалми 101:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Да запеам за добрината и правдата, да Ти засвирам, Тебе, Господи! Ќе размислувам за патот на совршенството: кога ќе дојдеш при мене? Ќе одам со невино срце во својот дом. Не ќе оставам, пред моите очи, ништо подмолно. Мразам човек кој прави зло: тој не ќе биде покрај мене. Развратно срце ќе биде далеку од мене; не сакам да знам за ништо нечесно. Кој го клевети скришно својот ближен, него ќе го погубам. Човек со горди очи и со надуено срце јас не трпам. Погледот го свртувам кон верните на земјата, за да живеат со мене. Кој оди по прав пат, тој ќе ми служи. Не ќе живее во мојот дом, кој постапува подмолно. Кој зборува лага, нема да остане пред моите очи. Секој ден ќе ги сотирам сите злосторници во земјата; ќе ги истребам од Господовиот Град, сите што прават беззаконие.