Изреки 17:15-28
Изреки 17:15-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кој оправдува грешен и кој обвинува праведен – и обајцата се одвратност пред Господ. Што ќе му се пари во рацете на безумен за да купи мудрост, кога во него нема разум?! Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја. Неразумен човек подава рака и станува гарант за ближниот свој. Кој сака караници, го сака гревот, и кој високо ја издига вратата своја, бара да падне. Подмолно срце нема да најде добро, и лукав јазик ќе западне во беда. Кому се родил глупак, тешко нему. За таткото на безумен нема радост. Веселото срце е благотворно како лек, а паднатиот дух коски суши. Не се прави патиштата на нечесните што земаат поткуп; тие го искривуваат патот на правосудието. Мудроста е пред лицето на разумниот, а очите на безумниот се на крајот од земјата. Глупав син е мака за таткото и огорчување за мајката. Не е добро да казнуваш праведен, ниту да тепаш началник. Разумниот е воздржан во зборовите свои, а одмерениот е трпелив и спокоен. И безумниот кога молчи, за мудар го сметаат, и кој ја затвора устата своја – за разумен го сметаат.
Изреки 17:15-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Кој го оправдува виновникот и кој го осудува правиот, двајцата Му се омразени на Господа. Зошто е богатството во рацете на безумникот за да купи мудрост со нив, кога нема разум!? Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат. Неразумниот човек дава рака и емчи пред својот ближен. Гревот го љуби кој ја љуби препирката, и кој ја издига високо својата врата, бара пропаст. Опакиот во срцето не наоѓа добро, и кому јазикот му е лош, западнува во несреќа. Кој ќе роди безумник, на тага му е; а не е весел ни таткото на лудиот. Веселото срце е одличен лек, а невеселиот дух ги суши коските. Нечесниот прима подарок од под пазуви, за да ги искриви патиштата на правдата. Разумниот ја има мудроста пред себе, а очите на безумниот се кон крајот на земјата. Безумниот син е грижа на татка си и жалост на својата мајка. Не чини да биде казнуван праведникот, а не е право ни да бидат биени благородните. Разумниот се воздржува во своите зборови, а трпеливиот човек е благоразумен. И глупецот се смета за мудар кога молчи, и за разумен, кога ги воздржува своите усни.