ПОСЛОВИЦИ 17
17
О. Праведна и грешна уста
1Подобро е залаг сув леб во мир, отколку куќа со расправии, полна со печена жртва. 2Разумниот слуга владее над синот на срамот и ќе дели наследството со браќата. 3Топилницата е за сребро, а печката за златото, а самиот Господ го испитува срцето. 4Злочинецот ги слуша лажливите усни, а лажливецот го прислушкува погубувачкиот јазик. 5Кој му се потсмевнува на сиромашниот, Му се потсмевнува на неговиот Создател, и кој се радува на несреќата, не останува без казна. 6Внучињата се венец на старците, а синовите се слава на нивните татковци. 7Не му прилега на лудиот возвишена беседа, а уште помалку на началникот лажливи усни. 8Подарокот е драгоцен камен во очите на оној што го дава: каде и да се заврти, успева. 9Кој го прикрива престапот, бара љубов, а кој шири клеветнички гласови, ги скарува и најинтимните пријателите. 10Изобличувањето го притиска разумниот повеќе, отколку сто удари безумниот. 11Лошиот човек оди сам по злото, но жесток гласник се испраќа против него. 12Подобро е да нагазиш на мечка, чии мечиња се грабнати, отколку на безумник во неговата лудост.
П. Мудрост во поведение
13Кој враќа зло за добро, не ќе ја отстрани несреќата од својот дом. 14Започнувањето на караница е исто како да се пушти поплава, и затоа пред да избувне караница оддалечи се! 15Кој го оправдува виновникот и кој го осудува правиот, двајцата Му се омразени на Господа. 16Зошто е богатството во рацете на безумникот за да купи мудрост со нив, кога нема разум!? 17Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат. 18Неразумниот човек дава рака и емчи пред својот ближен. 19Гревот го љуби кој ја љуби препирката, и кој ја издига високо својата врата, бара пропаст. 20Опакиот во срцето не наоѓа добро, и кому јазикот му е лош, западнува во несреќа. 21Кој ќе роди безумник, на тага му е; а не е весел ни таткото на лудиот. 22Веселото срце е одличен лек, а невеселиот дух ги суши коските. 23Нечесниот прима подарок од под пазуви, за да ги искриви патиштата на правдата. 24Разумниот ја има мудроста пред себе, а очите на безумниот се кон крајот на земјата. 25Безумниот син е грижа на татка си и жалост на својата мајка. 26Не чини да биде казнуван праведникот, а не е право ни да бидат биени благородните. 27Разумниот се воздржува во своите зборови, а трпеливиот човек е благоразумен. 28И глупецот се смета за мудар кога молчи, и за разумен, кога ги воздржува своите усни.
Селектирано:
ПОСЛОВИЦИ 17: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.