Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 14:1-10

Броеви 14:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш целиот народ почна да вика и плачеше целата таа ноќ; и сите синови израелски негодуваа против Мојсеј и Арон, и целиот народ им велеше: „О, да бевме умреле во египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустина! И зошто Господ нѐ води во таа земја, за да паднеме во борба! Жените наши и децата наши ќе станат плен; не е ли подобро да се вратиме во Египет!“ Па си велеа едни на други: „Да си избереме старешина, и да се вратиме во Египет.“ Тогаш Мојсеј и Арон паднаа ничкум пред целото општество на синовите израелски. Тогаш Исус, синот Навинов, и Халев, Синот Јефунеов, кои беа од оние што ја беа разгледале земјата, ги раскинаа облеките свои и им рекоа на сите собрани синови израелски: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е многу, многу добра. Ако Господ нѐ сака, ќе нѐ воведе во неа и ќе ни ја даде – таа земја, каде што тече мед и млеко; само не бунтувајте се против Господ и не плашете се од народот на таа земја: тој е мал залак за нас; тие немаат заштита, а со нас е Господ; не плашете се од нив.“ И сиот народ рече: „Да ги убиеме со камења!“ Но славата Господова се јави над скинијата на собранието пред сите синови израелски.

Броеви 14:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш завреви целото општество и почна да вика. И народот плачеше во таа ноќ. Сите Израелци роптаа против Мојсеја и Арона. Целата заедница им зборуваше: „О, да умревме во Египетската Земја! Или да изумревме во пустинава! Зошто Господ нѐ води во таа земја, за да паднеме од меч, а нашите жени и деца да станат робови! Зар не ќе ни биде подобро да се вратиме во Египет?!“ И си велеа еден на друг: „Да си поставиме водач и да се вратиме во Египет!“ Мојсеј и Арон паднаа на своите лица пред целата собрана израелска заедница. А Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, кои беа меѓу оние кои ја согледуваа земјата, ја скинаа својата облека. Потоа му рекоа на целото Израелско општество: „Земјата низ која поминавме за да ја согледаме е премногу добра. Ако ни биде Господ милостив, ќе нѐ доведе во таа земја, и ќе ни ја даде. Тоа е земја во која течат мед и млеко. Само, не бунете се против Господа! Не бојте се од народот на онаа земја; па тој е залаг за нас. Тие се без заштита, а Господ е со нас! Не бојте се од нив!“ И додека целото општество веќе мислеше да ги каменува, Господовата слава им се јави во Шаторот на средбата на сите Израелеви синови.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност