Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Неемија 12:27-47

Неемија 12:27-47 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога требаше да се осветуваат еру­салимските ѕидови, ги повикаа левитите од сите места, и им запове­даа да дојдат во Ерусалим за да се изврши осветувањето и радосното празнување во сла­вословија и песни, при звукот на кимвали, псалтири и гусли. Се собраа синовите на певците од Ерусалимскиот округ и од селата Нетофатски, и од Бет-Гилгал, и од околината на Гева и Азмавет, зашто певците си беа изградиле села во околината на Еру­салим. И се очистија свештениците и левитите, го очистија и народот и портите и ѕидовите. Тогаш ги изведов на ѕидот јудеј­ските началници и поставив два големи хора певци, и едниот од нив одеше десно по ѕидот кон Гноишните Порти. По нив одеше Хошаја и половината јудејски началници: Азарија, Ездра, Мешулам, Јуда, Венијамин, Шемаја и Еремија; а од синовите свештенички со труби: Захарија, син на Јонатан, син на Шемаја, син на Матанија, син на Ми­хаја, син на Закур, Асафов син, и браќата негови: Шамаја, Аза­риил, Милалај, Гилалај, Маај, Натанаил, Јуда и Ананија со свирките на Давид, Бож­јиот човек, и книжни­кот Ездра пред нив. До Изворните Порти, спроти нив, тие излегоа по степеништата на Да­видовиот град, по скалите што водеа кон ѕидот над Давидовиот дом, до Водните Порти на исток. Другиот хор врвеше наспроти нив, а по него јас и половината од на­родот, по ѕидот од Кулата кај печката до широкиот ѕид, и од Ефремовите Порти, покрај Старите Порти и Рибните Порти и Хананеловата Кула, и кулата Меа, кон Овчите Порти, и застанавме при Затворските Порти. Потоа и обата збора застанаа пред Божјиот дом, а и јас и половината началници со мене, и свештениците: Елијаким, Маа­сеја, Минјамин, Михаја, Елјоенај, Заха­рија и Ананија со трубите, Маасеја, Шемаја, Елеазар, Озиј, Јоханан, Малкија, Елам и Езер. А пев­ците пееја високо; водач им беше Јиз­рахија. Во тој ден се принесоа големи жрт­ви и се веселеа, зашто Бог им беше дал голема радост. Се радуваа и жените, и децата и веселбата ерусалимска се слушаше надалеку. Во истиот ден беа поставени луѓе над одделите за приноси од првините и десетоците, за да ги собираат од нивите околу градовите, делови определени со законот за свештениците и левитите, зашто на Јудејците им беше драго да ги гледаат свештениците и левитите кои служеа, и вршеа служба на својот Бог и работите околу очистувањето и беа певци и вратари, според наредбата на Давид и синот негов Соломон. Зашто уште одамна, во дните на Давид и Асаф, беа установени главни певци, како и песни за Бога, пофални и благодарствени. Сите Израелци во дните на Зоро­вавел и во дните на Неемија им даваа делови на певците и на вратарите како храна за секој ден, и им ги даваа осветените приноси на левитите, а ле­витите им даваа на Ароновите синови.

Неемија 12:27-47 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога беше осветувањето на ерусалимскиот ѕид, ги побараа левитите, секаде каде што живееја, за да ги доведат во Ерусалим та да го прослават осветувањето со радост, со благодарници и со песни покрај кимвали, псалтири и гуслиња. И се собраа пејачи Левиеви синови, од крајот околу Ерусалим, од нетофатските села, од Вет Гилгал, од Гева и од полето Азмавет: зашто пејачите си изградија села околу Ерусалим. Свештениците и левитите се очистија себе си, а потоа ги исчистија народот, вратите и ѕидот. Тогаш ги искачив јудејските кнезови на ѕидот и составив два големи пејачки собири. Првиот одеше десно по ѕидот, кон Гнојната Врата; по нив одеа Осај и половина од јудејските кнезови - Азариј, Езра и Месулам, Јуда, Венијамин, Семај и Еремиј, а од свештеничките синови со рогови: Захариј, синот Јонатанов, син Семаев, син Матаниев, син Микаев, син Захуров, син Асафов, со нивните браќа Семај, Ауреил, Милалај, Гилалај, Мај, Натанаил, Јуда, Ананиј, со свирките на Давида, Божјиот човек. А Езра, книжевникот, одеше пред нив. Кај Изворската Врата се искачија спроти нив покрај скалилата на Давидовиот Град по ѕидната нагорница од Давидовиот Дворец сѐ до Водната Врата на исток. Вториот пејачки собир, а по него и половина од народните кнезови, одеше налево по ѕидот и Пекќата Стражарница сѐ до Широкиот Ѕид, па тогаш над: Ефремовата Врата, Старата Врата, Рибината Врата, Ананеиловата Стражарница, стражарницата Меја, сѐ до Овчата Врата. Застанаа при Затворската Врата. Потоа двата пејачки собири зазедоа место во Божјиот Храм. Исто и јас и со мене половината главатари, свештениците Елијаким, Масиј, Минијамин, Михај, Елиоинај, Захариј, Ананиј со труби, потоа Масиј, Семај, Елеазар, Озиј, Јоанан, Малхиј, Елам и Есер. Пејачите пееја под раководство на Езрај. Во тој ден беа принесени големи жртви, луѓето ѝ дадоа изблик на радоста, зашто Бог ги беше исполнил со голема радост; се веселеа и жените и децата. И радоста на Ерусалим се слушаше надалеку. Во тоа време беа поставени луѓе да ги надгледуваат клетовите во кои се оставаа приносите, првините, десетоците, и да ги собираат, од полињата покрај градовите, деловите кои Законот им ги доделува на свештениците и левитите. Зашто Јудејците им се радуваа на свештениците и левитите, кои беа во служба. Тие вршеа служба на својот Бог и служба за очистување - како и пејачите и вратарите - според одредбата на Давида и на неговиот син Соломон. Зашто од Давидовите и од Асафовите денови, од дамнина постојат пејачки главатари и песни за фала и слава на Бога. Затоа сиот Израел во времето на Зоровавел и во Неемиевото време даваше, ден по ден, делови одредени за пејачите и вратарите, а левитите им даваа на Ароновите потомци.