Лого на YouVersion
Икона за пребарување

НЕЕМИЈА 12:27-47

НЕЕМИЈА 12:27-47 MKB

Кога беше осветувањето на ерусалимскиот ѕид, ги побараа левитите, секаде каде што живееја, за да ги доведат во Ерусалим та да го прослават осветувањето со радост, со благодарници и со песни покрај кимвали, псалтири и гуслиња. И се собраа пејачи Левиеви синови, од крајот околу Ерусалим, од нетофатските села, од Вет Гилгал, од Гева и од полето Азмавет: зашто пејачите си изградија села околу Ерусалим. Свештениците и левитите се очистија себе си, а потоа ги исчистија народот, вратите и ѕидот. Тогаш ги искачив јудејските кнезови на ѕидот и составив два големи пејачки собири. Првиот одеше десно по ѕидот, кон Гнојната Врата; по нив одеа Осај и половина од јудејските кнезови - Азариј, Езра и Месулам, Јуда, Венијамин, Семај и Еремиј, а од свештеничките синови со рогови: Захариј, синот Јонатанов, син Семаев, син Матаниев, син Микаев, син Захуров, син Асафов, со нивните браќа Семај, Ауреил, Милалај, Гилалај, Мај, Натанаил, Јуда, Ананиј, со свирките на Давида, Божјиот човек. А Езра, книжевникот, одеше пред нив. Кај Изворската Врата се искачија спроти нив покрај скалилата на Давидовиот Град по ѕидната нагорница од Давидовиот Дворец сѐ до Водната Врата на исток. Вториот пејачки собир, а по него и половина од народните кнезови, одеше налево по ѕидот и Пекќата Стражарница сѐ до Широкиот Ѕид, па тогаш над: Ефремовата Врата, Старата Врата, Рибината Врата, Ананеиловата Стражарница, стражарницата Меја, сѐ до Овчата Врата. Застанаа при Затворската Врата. Потоа двата пејачки собири зазедоа место во Божјиот Храм. Исто и јас и со мене половината главатари, свештениците Елијаким, Масиј, Минијамин, Михај, Елиоинај, Захариј, Ананиј со труби, потоа Масиј, Семај, Елеазар, Озиј, Јоанан, Малхиј, Елам и Есер. Пејачите пееја под раководство на Езрај. Во тој ден беа принесени големи жртви, луѓето ѝ дадоа изблик на радоста, зашто Бог ги беше исполнил со голема радост; се веселеа и жените и децата. И радоста на Ерусалим се слушаше надалеку. Во тоа време беа поставени луѓе да ги надгледуваат клетовите во кои се оставаа приносите, првините, десетоците, и да ги собираат, од полињата покрај градовите, деловите кои Законот им ги доделува на свештениците и левитите. Зашто Јудејците им се радуваа на свештениците и левитите, кои беа во служба. Тие вршеа служба на својот Бог и служба за очистување - како и пејачите и вратарите - според одредбата на Давида и на неговиот син Соломон. Зашто од Давидовите и од Асафовите денови, од дамнина постојат пејачки главатари и песни за фала и слава на Бога. Затоа сиот Израел во времето на Зоровавел и во Неемиевото време даваше, ден по ден, делови одредени за пејачите и вратарите, а левитите им даваа на Ароновите потомци.