Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 5:21-43

Марко 5:21-43 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Уште еднаш Исус отплови на спротивната страна од Галилејското Езеро. Тукушто излезе на брегот, многуброен народ се насобра околу Него. Тогаш Му пристапи началникот на тамошната синагога, по име Јаир, клекна на колена и почна сесрдно да Го моли: „Ќерката ми е на умирање! Дојди, положи раце врз неа за да оздрави и да живее!“ Тогаш Исус тргна со Јаир, а многуброен народ ги следеше, туркајќи се околу Него. Меѓу народот имаше една жена која крвавела веќе дванаесет години. Се намачила одејќи по лекари на кои го потрошила сиот свој имот, но напразно - состојбата уште повеќе и се влошувала. Оваа жена слушала што се зборува за Исус. Крадешкум, таа се доближи до Исус одзади и се допре до Неговата облека. Зашто, во себе си велеше: „Само да се допрам до Неговата облека - ќе оздравам!“ Крвавењето веднаш и запре и таа почувствува дека нејзиното тело оздраве. Во истиот момент и Исус почувствува дека од Него излезе исцелителна сила. Обраќајќи му се на народот, запраша: „Кој се допре до мојата облека?“ Учениците Му одговорија: „Гледаш колку народ се турка околу Тебе и прашуваш кој Те допрел!?“ Но Исус се сврте да види кој Го допре. Жената, тресејќи се од страв и знаејќи што се случи со неа, клекна на колена пред Него и Му ја кажа целата вистина. Исус и рече: „Ќерко! Ти оздраве врз основа на твојата вера. Оди си спокојна и здрава.“ Додека Исус зборуваше, пристигнаа некои од роднините на Јаир и му рекоа: „Ќерка ти умре; не додевај Му повеќе на Учителот!“ Исус слушна што рекоа луѓето, но му рече на Јаир: „Само верувај Ми и не плаши се!“ Исус не му дозволи никому да дојде со Него, освен на Петар и на двајцата браќа Јаков и Јован, следбеници на Исус. Кога стигнаа во куќата на Јаир, Исус забележа дека луѓето плачат и лелекаат на цел глас. Влегувајќи внатре, Исус им рече: „Зошто плачете и лелекате? Девојчето не е мртво, туку спие!“ Тие на тоа Му се подбиваа. Исус нареди сите да излезат надвор, а внатре ги задржа само таткото и мајката на девојчето и тројцата Свои ученици кои Го придружуваа. Влегоа кај девојчето. Исус го фати за рака и рече: „Талита, куми!“ Ова на арамејски јазик значи: „Девојче, стани!“ Девојчето веднаш стана и одеше. Тоа имаше дванаесет години. Сите беа вчудовидени! Но Исус им нареди за ова никому да не кажуваат. Потоа им рече: „Дајте му на девојчето нешто да јаде.“

Марко 5:21-43 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето. И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови и усрдно Го молеше многу, гово­реј­ќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и по­ложи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“ И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа. Една жена, што страдаше од крва­вење дванаесет години, и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо, штом чу за Исус, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова; зашто си велеше: „Само ако се доп­рам до облеката Негова, ќе оздравам.“ И веднаш престана крвавењето, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста. А Исус одеднаш почувствува во Се­бе како излезе сила од Него и се сврте кон народот и рече: „Кој се допре до облеката моја?“ Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“ Но Тој гледаше наоколу, за да ја ви­ди онаа, што го направи тоа. Жената, пак, се уплаши и тре­пе­ре­ше; па, знаејќи што стана со неа, се при­ближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина. А Тој ѝ рече: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!“ Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и ре­коа: „Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот!“ Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече на началникот на синагогата: „Не плаши се, само верувај!“ И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, на Јаков, и на Јо­ван, братот на Јаков. Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде растревоженост, пла­чење и силно врискање. И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Девојчето не е умрено, туку спие!“ А тие Му се потсмеваа. Тој, пак, от­како ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше де­вој­че­то. И кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!“ – што значи: „Де­војко, тебе ти велам, стани!“ И девојката одеднаш стана и почна да оди. А имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу. А Тој строго им заповеда, никој да не разбере за тоа и рече: „Дајте ѝ да ја­де!“

Марко 5:21-43 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога Исус пак премина со кораб на другата страна, многу народ се собра при Него, а Тој беше покрај морето. И дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир и кога Го виде, падна пред Неговите нозе. И Го моле-ше многу, велејќи: „Мојата ќерка е на умирање, дојди и положи ги рацете над неа - за да биде спасена и да живее!“ И отиде со него. И многу народ одеше по Него и Го притискаше. И една жена, која страдаше од крвотечение дванаесет години, и претрпела многу од мнозина лека-ри и си го потрошила целиот свој имот, а од тоа немаше никаква полза, туку ѝ стана уште полошо; откако чу за Исуса, дојде меѓу народот, одназад, и се допре до Неговата облека, зашто си веле-ше: „Ако се допрам само и до Неговата облека, ќе се спасам!“ И веднаш ѝ прекрати крвотече-нието и таа почувствува во телото дека е излекувана од болеста. А Исус почувствува веднаш во Себе, дека сила излезе од Него, се сврте среде народот и рече: „Кој се допре до Мојата облека?“ Него-вите ученици пак рекоа: „Гледаш дека народ Те притиска и велиш: ‘Кој се допре до Мене?’“ И Тој гледаше наоколу, за да види, кој го направи тоа. А жената, уплашена и растреперена - зашто знаеше што стана со неа - дојде и падна пред Него и Му ја кажа сета вистина. А Тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те спаси! Оди си со мир и биди здрава од својата болест!“ Додека уште зборуваше, дојдоа од домот на началникот на синагогата и му рекоа: „Ќерка ти умре! Зошто Го измачуваш уште Учите-лот!“ А Исус, кога го чу зборот, што го рекоа, му рече на начал-никот на синагогата: „Не бој се! Само верувај!“ И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петра, на Јакова и на Јована, братот Јаковов. И дојдоа во куќата на началникот; и виде врева, дека плачеа и пиштеа многу, и кога влезе им рече: „Зошто викате и плачете? Детето не е умрено, туку спие!“ И Му се потсмеваа. А Тој ги истера сите надвор, ги зеде: таткото на детето, и мајката и оние кои беа со Него, и влезе таму каде што беше детето. И кога го фати детето за рака му рече: „Талита кум!“- што значи: „Девој-че, Јас ти велам стани!“ И девој-чето стана веднаш и одеше, зашто имаше дванаесет години. И веднаш се зачудија многу. И им заповеда строго никој да не дознае за тоа, и рече да ѝ дадат да јаде.