Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 5

5
1Исус и Неговите ученици пристигнаа на спротивниот брег на Галилејското Езеро, во пределот на градот Гераса.
2Тукушто излезе од бротчето, откај гробиштата во пресрет му тргна еден човек обземен со демонски духови.
3Човекот живеел по гробниците и никој веќе не бил во состојба ни со син?ири да го врзе.
4Честопати го врзувале со син?ири и му ставале окови, но тој секојпат ги кинел син?ирите и ги кршел оковите. Никој не можел да го скроти.
5Деноноќно престојувал на гробиштата и по ридовите, врескајќи и удирајќи се со камења.
6Кога уште оддалеку Го забележа Исуса, се стрча кон Него и клекна на колена.
7Потоа со силен глас Му рече: „Исусе, Сине на Севишниот Бог, што сакаш да ми сториш!? Те заколнувам во Божјото име, немој да ме мачиш!“
8Тој го рече ова затоа што Исус веќе му беше наредил на демонскиот дух да излезе од човекот.
9Исус го праша: „Како се викаш?“ Човекот му одговори: „Се викам Легија, зашто во мене има цела легија демони!“
10Потоа Го молеше Исуса да не ги брка од тој крај.
11Недалеку од нив, на ридот пасеше едно големо крдо свињи.
12Демонските духови Го молеа Исуса: „Испрати нe кај свињите, да се вселиме во нив!“
13Исус им дозволи и демонските духови излегоа од човекот и влегоа во свињите. Целото крдо свињи, на број околу две илјади, јурна низ стрмнината право во езерото, при што сите свињи се удавија.
14Свињарите се разбегаа и разгласија за ова по градот и по селата, така што народот излезе да види што се случило.
15Кога дојдоа до Исус и го видоа човекот кој порано беше обземен од легија демони како седи облечен и со здрав ум, многу се исплашија.
16Откако очевидците им раскажаа за она што се случи со човекот и со свињите,
17луѓето Го замолија Исуса да си оди од нивниот крај.
18Кога Исус се враќаше на бротчето, човекот кој дотогаш беше обземен од демони Го молеше и тој да тргне со Него.
19Но Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома и кажи им на твоите роднини што стори Господ за тебе со Своето милосрдие.“
20Тогаш тој си замина и патуваше по пределот на Декаполис и на сите им раскажуваше за она што Исус го стори за него. И секој што ќе чуеше се восхитуваше.
21Уште еднаш Исус отплови на спротивната страна од Галилејското Езеро. Тукушто излезе на брегот, многуброен народ се насобра околу Него.
22Тогаш Му пристапи началникот на тамошната синагога, по име Јаир, клекна на колена
23и почна сесрдно да Го моли: „Ќерката ми е на умирање! Дојди, положи раце врз неа за да оздрави и да живее!“
24Тогаш Исус тргна со Јаир, а многуброен народ ги следеше, туркајќи се околу Него.
25Меѓу народот имаше една жена која крвавела веќе дванаесет години.
26Се намачила одејќи по лекари на кои го потрошила сиот свој имот, но напразно - состојбата уште повеќе и се влошувала.
27Оваа жена слушала што се зборува за Исус. Крадешкум, таа се доближи до Исус одзади и се допре до Неговата облека.
28Зашто, во себе си велеше: „Само да се допрам до Неговата облека - ќе оздравам!“
29Крвавењето веднаш и запре и таа почувствува дека нејзиното тело оздраве.
30Во истиот момент и Исус почувствува дека од Него излезе исцелителна сила. Обраќајќи му се на народот, запраша: „Кој се допре до мојата облека?“
31Учениците Му одговорија: „Гледаш колку народ се турка околу Тебе и прашуваш кој Те допрел!?“
32Но Исус се сврте да види кој Го допре.
33Жената, тресејќи се од страв и знаејќи што се случи со неа, клекна на колена пред Него и Му ја кажа целата вистина.
34Исус и рече: „Ќерко! Ти оздраве врз основа на твојата вера. Оди си спокојна и здрава.“
35Додека Исус зборуваше, пристигнаа некои од роднините на Јаир и му рекоа: „Ќерка ти умре; не додевај Му повеќе на Учителот!“
36Исус слушна што рекоа луѓето, но му рече на Јаир: „Само верувај Ми и не плаши се!“
37Исус не му дозволи никому да дојде со Него, освен на Петар и на двајцата браќа Јаков и Јован, следбеници на Исус.
38Кога стигнаа во куќата на Јаир, Исус забележа дека луѓето плачат и лелекаат на цел глас.
39Влегувајќи внатре, Исус им рече: „Зошто плачете и лелекате? Девојчето не е мртво, туку спие!“
40Тие на тоа Му се подбиваа. Исус нареди сите да излезат надвор, а внатре ги задржа само таткото и мајката на девојчето и тројцата Свои ученици кои Го придружуваа. Влегоа кај девојчето.
41Исус го фати за рака и рече: „Талита, куми!“ Ова на арамејски јазик значи: „Девојче, стани!“
42Девојчето веднаш стана и одеше. Тоа имаше дванаесет години. Сите беа вчудовидени!
43Но Исус им нареди за ова никому да не кажуваат. Потоа им рече: „Дајте му на девојчето нешто да јаде.“

Селектирано:

Марко 5: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност