Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 15:1-47

Марко 15:1-47 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Рано утредента, свештеничките поглавари, народните старешини и вероучителите се состанаа заедно со Врховниот совет. Тие Го врзаа Исуса и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат, предавајќи го во негова надлежност. Пилат почна да Го испрашува: „Ти ли си Царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ Свештеничките поглавари изнесуваа жестоки обвиненија против Исус. Пилат повторно Го праша: „Зар нема ништо да кажеш на овие тешки обвиненија против Тебе?“ Но Исус на ништо повеќе не одговараше, на што Пилат многу се чудеше. А на секој празник Пасха гувернерот им пушташе од затвор еден затвореник, по избор на народот. Во тоа време в затвор беше еден човек по име Бараба, уапсен заедно со други бунтовници кои за време на еден бунт извршиле убиства. Народот се качи горе кај Пилат и побара да им пушти еден затвореник, како и обично. Пилат ги праша: „Сакате ли да ви Го пуштам Царот на Евреите?“ Пилат знаеше дека свештеничките поглавари му го доведоа Исуса од завист. Но свештеничките поглавари го наговорија народот од Пилат да бара ослободување на Бараба. Пилат повторно му се обрати на народот, прашувајќи го: „А што да правам со овој човек што Го нарекувате Цар на Евреите?“ Тие гласно извикаа: „Распни Го на крст!“ Пилат ги праша: „А какво злосторство извршил?“ Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“ Тогаш Пилат, сакајќи да ја задоволи толпата, го ослободи Бараба, а Исуса Го предаде на камшикување, а потоа и на римските војници да Го распнат. Војниците Го воведоа Исуса во дворот на палатата, во таканаречениот ,преториј‘ и повикаа уште цела чета војници. Му облекоа црвена наметка, а на главата Му ставија венец исплетен од трнови гранчиња. Потоа почнаа да Му се подбиваат, викајќи: „Здраво, Цару на Евреите!“ Го удираа по главата со стап, Го плукаа и Му се клањаа, преправајќи се дека Го обожаваат. Откако доволно се подбиваа со Исус, Му ја соблекоа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата облека. Потоа Го поведоа на распнување. Натераа еден случаен минувач, кој се враќаше од полето, да го носи крстот за распнување на Исус. Човекот се викаше Симон и по потекло беше од Киренеја. Тој им беше татко на Александар и на Руфус. Војниците Го одведоа Исуса на Голгота, што во превод значи ,Череп‘. Таму се обидоа да Му дадат да се напие вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но Тој не сакаше да го пие. Го распнаа Исуса на крст, а Неговата облека со жрепка си ја разделија меѓу себе. Беше околу девет часот претпладне кога Го распнаа Исуса. Поставија и натпис кој ја опишуваше Неговата вина. Натписот гласеше: „Цар на Евреите“. Заедно со Исус распнаа и двајца злосторници: едниот од десната, а другиот од левата страна на Исус. (Со тоа се исполни Светото Писмо, кое претскажа: ,Ќе биде изедначен со злосторници‘.) Минувачите Го навредуваа Исуса, нишаа глави и говореа: „Ти што тврдеше дека ќе ни го урнеш храмот и за три дена повторно ќе го изградиш, слези од крстот и спаси се!“ На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари и вероучителите, велејќи: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Ако е Тој Месијата и царот на Израел - нека слезе сега од крстот! Да видиме, па ќе поверуваме!“ Го навредуваа дури и оние што беа распнати со Него. Напладне се спушти густа темнина по целата земја и траеше до петнаесет часот. Во петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’мах ш’вактани!?“ Тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“ Некои од присутните го слушнаа ова, но погрешно го разбраа, па рекоа: „Го довикува Илија!“ Еден од нив веднаш истрча, натопи сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Потоа рече: „Чекајте да видиме дали ќе се појави Илија да Го симне!“ Исус уште еднаш извика со силен глас и умре. Во истиот момент, завесата во храмот се расцепи на два дела, озгора додолу. Таму, спроти Исус, стоеше и еден римски офицер. Кога Тој виде како умре Исус, рече: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“ Тука, на Голгота, беа и извесен број жени, кои оддалеку набљудуваа. Меѓу нив беа: Марија од Магдала, Марија - мајката на браќата Јаков помладиот и Јосиф, потоа Салома и многу други. Овие жени дојдоа во Ерусалим заедно со Исус, а со Него одеа и Му помагаа уште во Галилеја. Настапи вечерта, спроти сабота, кога Евреите се подготвуваат за саботен одмор. Еден човек, по име Јосиф, од Ариматеја, кој беше истакнат член на еврејскиот Врховен совет, а и самиот го очекуваше Божјото царство, храбро влезе кај Пилат и Го побара телото на Исус. Пилат се изненади дека Исус веќе умрел, па го повика одговорниот офицер за да провери колку време има откако Исус умрел. Штом ја доби оваа информација, Пилат му одобри на Јосиф да го земе Исусовото мртво тело. Јосиф купи платно, го симна телото на Исус од крстот и го завитка во платното. Потоа го положи во гробницата што беше издлабена во карпа и влезот го затвори со голем камен. Марија од Магдала и другата Марија - мајката на Јосиф - внимателно гледаа каде беше положено телото на Исус.

Марко 15:1-47 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И веднаш утредента првосвештениците, со старешините и книжниците, и целиот Синедрион, одр­жаа состанок, па Го врзаа Исус, Го од­ведоа и Го предадоа на Пилат. А Пилат Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и рече: „Ти ве­лиш.“ И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но, Тој не одговори ништо. А Пилат пак Го праша и рече: „Ништо ли не одговараш? Гледаш кол­ку многу сведочат против Тебе!“ Но Исус ништо веќе не одговори, така што Пилат се чудеше. А на секој празник им ослободуваше по еден осуденик, кого што ќе го по­ба­раа. И имаше еден човек, по име Варава, во окови заедно со прид­руж­ни­ците, што во една буна извршиле убиство. И кога извика народот, почна да го моли Пилат да им го направи она, што го правел секогаш. А тој им одговори и рече: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“ Зашто знаеше дека прво­свеш­те­ни­ците Го беа предале од завист. Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Ва­ра­ва. Пилат, пак, им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го именувавте Цар Јудејски?“ Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!“ Пилат им рече: „Какво зло напра­ви­л?“ Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!“ Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исус Го камшикуваше и Го предаде да Го распнат. Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и по­викаа цела чета, па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата; и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, па­ѓајќи на колена. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат. И го натераа некој си Симон Кири­неец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот. Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде. Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка кој што да земе. Беше третиот час, и Го распнаа. И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“ А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата. (И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу грешници Го ставија.“) А минувачите, вртејќи глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси и слези од крстот!“ Исто така и првосвештениците со книжниците Му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси! Христос, Царот израелски, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ Го хулеа и распнатите со Него. А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час. И во деветтиот час Исус извика гласно велејќи: „Елои, Елои, Лама са­вахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Бо­же Мој, зошто Ме остави?“ Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!“ А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му да­ваше да пие, велејќи: „Почекајте да ви­диме, ќе дојде ли Илија да Го симне.“ А Исус, пак, испуштајќи висок глас, издивна. И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу. А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“ Имаше и жени што гледаа одда­ле­ку; меѓу нив беше и Марија Магдалена, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија, кои и тогаш, кога Тој беше во Гали­леја, врвеа по Него и Му служеа, и мно­гу други што беа дошле со Него во Еру­салим. А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно ден спроти сабота, дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели да влезе кај Пилат и го замоли за телото Исусово. Пилат се зачуди дека Тој веќе ум­рел; и кога го извика стотникот, го пра­ша дали одамна умрел. Па штом дозна од стотникот, му го даде телото на Јосиф. А Јосиф купи платно, Го симна и Го обви во плаштаница и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа и на­вали камен на гробната врата. А Марија Магдалена и Марија Јо­сиева гледаа каде Го полагаат.

Марко 15:1-47 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И веднаш наутро, прво-свештениците, со стареши-ните и книжниците и целиот Синедрион, Го врзаа Исуса, Го одведоа и му Го предадоа на Пилата. И Пилат Го праша: „Ти ли си Јудејскиот Цар?“ А Тој му одговори и рече: „Ти велиш!“ Првосвештениците Го обвинуваа многу. Но Тој не одговори ништо. А Пилат пак Го праша: „Ништо ли не одговараш? Гледај, колку Те оптужуваат!“ Но Исус веќе ништо не одговори, така што Пилат се чудеше. А на секој празник им пушташе по еден затвореник, кого ќе го побараа. Беше во окови наре-чениот Варава, со своите собунтовници, кои во буната беа извршиле убиство. И народот извика гласно и почна да го бара она, што секогаш им го правел. А Пилат им одговори, велејќи: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“ Зашто знаеше дека првосвештениците Го пре-дадоа од завист. Но прво-свештениците го наговорија народот: подобро да им го пушти Варава. А Пилат пак одговори и им рече: „Тогаш, што да направам со Оној, Кого Го викате Јудејски Цар?“ Но тие извикаа повторно: „Распни Го!“ Пилат пак им рече: „Какво зло направил?“ Но тие извикаа уште посилно: „Распни Го!“ Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичу-ваа, Го предаде да биде распнат. Војниците Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета. И Му облекоа пурпурна облека; сплетоа венец од трње и го положија на Него. И почнаа да Го поздравуваат: „Здра-во, Јудејски Царе!“ И Го удираа со трска по главата, Го плукаа и паѓајќи на колена Му се клањаа. А кога Му се наругаа, ја собле-коа од Него пурпурната наметка и Му ја облекоа Неговата облека, и Го поведоа да Го распнат. И натераа еден минувач, Симон Киринеец, кој се враќаше од полето, татко Александров и Руфов, да го носи Неговиот крст. И Го доведоа на местото Голгота, што значи Место На Черепи. И Му даваа вино со смирна, но Тој не прими. Потоа Го распнаа и ги разделија Неговите облеки, фрлај-ќи жрепка за нив - кој што да земе. А беше третиот час, кога Го распнаа. И беше напишан натпис, што ја означуваше Неговата вина: „Јудејски Цар.“ И со Него распнаа двајца разбојници; едниот оддесно, а едниот одлево, до Него. И се исполни Писмото кое вели: „И Го вброија меѓу злосторници.“ А минувачите Го хулеа, вртејќи со своите глави и велејќи: „Уа! Ти што го уриваш Храмот и го соѕидуваш за три дни, спаси Се Себеси и слези од крстот!“ Слично се ругаа првосвештениците, заедно со книжниците, говорејќи еден на друг: „Другите ги спаси, а Себе не може да се спаси! Христос - Израелевиот Цар! Нека слезе сега од крстот, да видиме и да поверуваме!“ Го навредуваа и оние, кои беа распнати со Него. А во шестиот час, настана темнина по сета земја, до деветтиот час. А во деветтиот час Исус извика со силен глас: „Или! Или! Лама Савахтани!“- што значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“ Штом го чуја тоа, некои од оние, кои стоеја таму, рекоа: “Ете, го вика Илија!“ И еден отрча и накваси сунѓер во киселина, ја надена на трска и Му даде да пие, велејќи: „Оставете, да видиме дали ќе дојде Илија да Го симне!“ А Исус викна со силен глас и издивна. И храмската завеса се расцепи надве, одозгора до долу. А кога виде стотникот, кој стоеше спроти Него, дека така издивна, рече: „Навистина, Овој човек беше Божји Син!“ А оддалеку гледаа и жени, меѓу кои беше Марија Магдалена, Марија мајка на Јаков малиот и на Јосија и Салома, кои одеа по Него, кога беше во Галилеја, и Му служеа, и многу други, кои дојдоа со Него во Ерусалим. А кога веќе се свечери, бидејќи беше подготвување, односно ден спроти сабота. Дојде Јосиф од Ариматеја, почитуван советник, кој и самиот го чекаше Божјото Царство, се осмели и влезе при Пилата и го побара Исусовото тело. А Пилат се зачуди дека веќе починал; и го повика стотникот и го праша дали починал одамна. А штом узна од стотникот, му го даде на Јосифа мртвото тело. Тој купи ленено платно, Го симна, Го завитка во платното и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа, и навали камен пред вратата на гробот. А Марија Магдалена и Марија Јосие-ва гледаа каде е положен.