Марко 11:12-25
Марко 11:12-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А утредента, кога излегоа од Витанија, Тој огладне; и кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше времето за смокви. И Исус ѝ рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!“ И го чуја тоа учениците Негови. И пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги брка оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврте масите на менувачите на пари и столовите на оние, што продаваа гулаби; и не дозволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад. И ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘? А вие го направивте како разбојничко гнездо!“ И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење. А кога се стемни, Тој излезе надвор од градот. Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен. И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила!“ А Исус им одговори и рече: „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде. И кога стоите на молитва, простувајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови.
Марко 11:12-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне. Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви. Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици. Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби. Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот. Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“ Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки. Кога се стемни, Исус и Неговите ученици се повлекоа од градот. Рано изутрината, минувајќи крај смоквата, учениците на Исус забележаа дека таа од корен се исушила. Тогаш Петар се сети на случката и Му рече на Исус: „Погледни, Учителе! Смоквата што Ти ја проколна се исушила!“ Исус им рече: „Имајте вера во Бог! Ве уверувам дека, ако имате вера во Бог и не се сомневате, ќе можете да и кажете на оваа планина да се искорне и да се фрли во морето, и тоа ќе се случи. Ви велам: Сe што ќе побарате преку молитва ќе добиете, ако имате вера. Кога се молите, простувајте им на оние што се огрешиле против вас. Тогаш вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вашите гревови.“
Марко 11:12-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А утреден, кога излегоа од Витанија, Тој огладне. И одда-леку виде една смоква, што имаше лисја; дојде не би ли нашол нешто на неа; а кога дојде не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше време за смокви. Тогаш проговори и ѝ рече: „Отсега никој довека да не јаде плод од тебе!“ А Неговите ученици слушаа. И дојдоа во Ерусалим. И кога влезе во Храмот, почна да ги изгонува сите, кои купуваа и продаваа во Храмот. И им ги преврте масите на менувачите на сребрениците, и столиците на продавачите на гулаби. И не дозволуваше некој да пренесе каков и да било сад низ Храмот. И ги поучу-ваше, велејќи им: „Не е ли напи-шано: ‘Мојот Дом ќе се нарече Дом на молитва за сите народи,’ а вие направивте од него разбојничка пештера!“ А главните свештеници и книжниците го чуја тоа, и бараа како да Го погубат, зашто се боеја од Него; имено сиот народ беше восхитен од Неговата наука. А навечер излегуваше од градот. А наутро кога поминуваа, ја видоа смоквата исушена од корен. А Петар се сети и Му рече: „Учи-теле, погледај! Се исушила смоквата, што ја проколна!“ Исус одговори и им рече: “Имајте вера во Бога! Вистина ви велам, ако некој ѝ рече на оваа гора: ‘Дигни се и фрли се во морето,’ а не се посомнева во своето срце, туку верува дека ќе биде она што го рече, тоа и ќе биде. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека го при-мивте, и ќе ви биде. И кога стоите на молитва, проштавајте ако имате нешто против некого, за да ви ги прости и вашиот Татко, Кој е на небесата, вашите гревови.