Марко 11
11
1На пат кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици пристигнаа во Бетфага и Бетанија, во близина на Маслиновата Гора.
2Исус испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во селото што е пред вас. На самиот влез во селото ќе видите врзано едно младо магаре што досега не е јавано. Одврзете го и донесете го овде.
3Ако некој ве праша: ,Што правите?‘, кажете му: ,Му треба на Господ, и Тој бргу ќе го врати!‘“
4Тие отидоа и го најдоа магаренцето врзано до една врата, покрај патот, и го одврзаа.
5Некои од луѓето што стоеја таму, ги прашаа: „Зошто го одврзувате магаренцето!?“
6Им одговорија како што им рече Исус и тие ги оставија на мира.
7Учениците Му го донесоа магаренцето на Исус, ги положија своите облеки врз магарето, а Тој се качи на него.
8Голем број луѓе постилаа облеки по патот, а други постилаа разлистени гранчиња што ги кршеа по полето.
9Луѓе одеа и пред Исус и по Исус и гласно викаа: „Спаси нe сега! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово!
10Благословено да биде царството на нашиот прататко Давид - царството што ни доаѓа! Спаси нe сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“
11Така Исус влезе во Ерусалим и отиде во храмот, разгледа сe наоколу, но бидејќи веќе беше доцна, се врати со дванаесеттемина во Бетанија.
12Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне.
13Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви.
14Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици.
15Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби.
16Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот.
17Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“
18Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки.
19Кога се стемни, Исус и Неговите ученици се повлекоа од градот.
20Рано изутрината, минувајќи крај смоквата, учениците на Исус забележаа дека таа од корен се исушила.
21Тогаш Петар се сети на случката и Му рече на Исус: „Погледни, Учителе! Смоквата што Ти ја проколна се исушила!“
22Исус им рече: „Имајте вера во Бог!
23Ве уверувам дека, ако имате вера во Бог и не се сомневате, ќе можете да и кажете на оваа планина да се искорне и да се фрли во морето, и тоа ќе се случи.
24Ви велам: Сe што ќе побарате преку молитва ќе добиете, ако имате вера.
25Кога се молите, простувајте им на оние што се огрешиле против вас. Тогаш вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вашите гревови.“
26(Но ако не им простувате на другите, и Бог вам нема да ви прости.)
27Исус и Неговите ученици повторно дојдоа во Ерусалим. Додека Исус шеташе по храмот, Му пристапија свештеничките поглавари, вероучителите и старешините
28и Го прашаа: „Со какво право го вршиш сето ова? Кој те овластил?“
29Исус им одговори: „И Јас сакам нешто да ве прашам. Ако вие ми одговорите, тогаш и Јас ќе ви кажам кој Ме овластил да го правам сето ова.
30Кажете ми, од каде му беше овластувањето на Јован Крстител да крштава: од Бога или од луѓето?“
31Тие почнаа меѓу себе да си шепотат вака: Ако речеме „од Бога“, тогаш ќе ни рече: „Ами, зошто не му поверувавте!?“
32Ако пак речеме „од луѓето“, се плашиме од народот, зашто сиот народ го смета Јована за пророк.
33Затоа вака Му одговорија на Исус: „Не знаеме!“ Но Исус им рече: „Тогаш ни Јас нема да ви кажам со какво право го вршам сето ова!“
Селектирано:
Марко 11: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.