Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 9:1-13

Матеј 9:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Качувајќи се на бротчето, Исус одново отплови преку езерото и се врати во својот град Кафарнаум. Таму луѓето Му донесоа на носила еден парализиран човек. Кога Исус ја виде нивната вера, му се обрати на парализираниот: „Не плаши се, синко, гревовите ти се простуваат!“ Тогаш, некои вероучители си помислија во себе: „Овој човек е богохулник!“ Исус, пак, проѕирајќи им ги мислите, рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? Што е полесно да се каже: ,Гревовите ти се простуваат‘ или ,Стани и оди!‘? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјата да простувам гревови!“ Тогаш му се обрати на парализираниот и му рече: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ Човекот стана и оздравен си отиде дома. Кога го виде ова, народот го обзеде страв, па Му оддаде слава на Бога, што им пратил човек со ваква моќ. Заминувајќи си оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на тезгата за собирање данок и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Матеј стана и тргна по Него. Подоцна, за време на вечерата во куќата на Матеј, на Исус и на Неговите ученици на трпезата им се придружија голем број наплатувачи на данок и жигосани грешници. Го забележаа тоа некои од фарисеите и им приговорија на Исусовите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со наплатувачи на данок и со грешници!?“ Исус ги чу, па им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! Одете и научете се што значи напишаното во Светото Писмо: ,Сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви!‘ Јас не дојдов да ги повикам ,праведниците‘, туку грешниците.“

Матеј 9:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела. А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Охрабри се, синко. Ти се простуваат твоите гревови.“ И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: „Овој богохулствува.“ А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: „Зошто мислите зло во вашите срца? Па што е полесно да се рече: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да се рече: ‘Стани и оди?’ Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови, тогаш му рече на фатениот: „Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.“ И стана и си отиде дома. А народот, кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето. А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи при митницата, и му рече: „Следи Ме!“ Тој стана и Го следеше. И се случи, откако седна Тој на трпезата во куќата, ете, многу цариници и грешници дојдоа и седнаа со Исуса, и со Неговите ученици. Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто вашиот Учител јаде со цариниците и грешниците?“ А Тој, кога го чу тоа, рече: „На здравите не им треба лекар, туку на болните! Но, одете и научете што значи: ‘Милост сакам, а не жртви’; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“

Матеј 9:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Тој влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна во Својот град. И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му ре­че: „Не плаши се, чедо! Ти се простува­ат гревовите твои!“ Тогаш некои од книжниците си ре­коа во себе: „Овој богохулствува!“ А Исус ги разбра нивните мисли, и им рече: „Зошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: ‚Ти се простуваат гревовите твои!‘ или да кажам: ‚Стани и оди!?‘ Но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гре­вови.“ Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома. А народот кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бога, Кој им даде так­ва власт на луѓето. А кога си одеше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи во царинарницата и му рече: „Врви по Ме­не!“ И тој стана и тргна по Него. И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина цариници и греш­ни­ци дојдоа и седнаа до Него и до учени­ците Негови. Но штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со цариници и грешници?“ А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, ту­ку болните; одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, ту­ку грешниците на покајание.“