Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 27:32-56

Матеј 27:32-56 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

По пат сретнаа еден човек по име Симон, од градот Кирена, и го натераа да го носи крстот за распнувањето на Исус. Стигнаа на местото наречено Голгота, што во превод значи „Череп“. Му понудија на Исус пијалак од вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но кога Тој вкуси не сакаше да го пие. Војниците Го распнаа Исуса на крстот и со жрепка си ги поделија меѓу себе Неговите алишта. Потоа седнаа и стражареа околу Него. Над главата Му ставија натпис за Неговата вина. Натписот гласеше: „Ова е Исус, царот на Евреите.“ Заедно со Него распнаа и двајца злосторници: едниот оддесно, другиот одлево на Исус. Минувачите покрај крстот Го навредуваа Исуса, вртејќи со главите и извикувајќи: „Ти, што тврдеше дека ќе ни го разурнеш храмот и за три дена повторно ќе го подигнеш, спаси се сега! Ако си Ти Божјиот Син, ајде симни се од крстот!“ На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари, старешините и вероучителите. Тие говореа: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Тој ми бил цар на Израел! Нека се симне сега од крстот, па ќе Му веруваме! На Бога се повикуваше, сега Тој нека Го избави, ако Му е навистина мил! Нели Самиот тврдеше дека е Божји Син!?“ На ист начин Го навредуваа и со Него распнатите злосторници. Меѓу дванаесет и петнаесет часот над целата земја се спушти густа темнина. Околу петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’ма ш’вактани?“ што во превод значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!?“ Некои од присутните Го слушнаа ова и рекоа: „Го довикува пророкот Илија!“ Еден од нив веднаш истрча, накваси сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Другите, пак, говореа: „Чекајте, да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“ Исус уште еднаш извика со силен глас и умре. Во тој миг, завесата во храмот се расцепи на два дела озгора додолу. Земјата се тресеше и карпите распукнуваа! Гробници се отворија и телата на голем број починати праведници воскреснаа! Тие излегоа од гробниците и по Исусовото воскресение дојдоа во светиот град и им се покажаа на многу луѓе. Римскиот офицер и војниците кои стражареа крај Исус го почувствуваа земјотресот, а ги забележаа и останатите случки. Од тоа многу се исплашија и говореа: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“ Тука беа присутни и голем број жени, кои уште од Галилеја Го придружуваа Исуса и Му помагаа. Меѓу нив беа: Марија од градот Магдала, Марија мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Завдаевите синови, Јаков и Јован.

Матеј 27:32-56 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

На излегување сретнаа еден Ки­ри­неец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот. И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка; па седеа таму и Го чуваа; и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“ Тогаш распнаа со Него и двајца раз­бојници; едниот од десната страна, а другиот од левата. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Се­бе­си! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“ Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Ју­деј­ски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го из­ба­ви сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“ И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така. А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“ А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие. Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спа­си!“ А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот. И наеднаш се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи паднаа. И гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па кога излегоа од гробовите, по воскреснувањето Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина. А стотникот и оние што со него за­едно Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уп­лашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“ Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови.

Матеј 27:32-56 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот. И кога стигнаа на местото наречено Голгота - што значи: череп, Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие. А кога Го распнаа, ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка, за да се исполни кажаното преку пророкот: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија жрепка.“ И седеа и Го пазеа таму. И Му ставија над Неговата глава натпис за Него-вата вина: „Овој е Исус, Јудејски Цар.“ Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а едниот одлево. А минувачите Го хулеа, вртејќи ги главите и велејќи: „Ти, што го разурнуваш Храмот и што за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси, ако си Божји Син; слези од крстот!“ Исто зборуваа првосвештениците, со книжевниците и старешините, потсмевајќи Му се: “Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме! Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!“ А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него. А од шестиот час беше темнина по целата земја до деветтиот час. Околу деветтиот час Исус извика со силен глас и рече: „Или! Или! Лама Савахтани!? - тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?“ А некои од оние, кои стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во киселина, ја надена на трска, и Му даваше да пие. А другите велеа: „Остави! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“ А Исус извика пак со силен глас и го испушти духот. И ете! Завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа, а гробовите се отворија, и воскреснаа многу тела на упокоени свети; и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во Светиот Град и се јавија на мнозина. А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!“ А таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои Го следеа Исуса од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа: Марија Магдалена и Марија, мајката Јаковова и Јосиева, и мајката на Зеведеевите синови.