Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 27:32-56

Maтеј 27:32-56 MNT

По пат сретнаа еден човек по име Симон, од градот Кирена, и го натераа да го носи крстот за распнувањето на Исус. Стигнаа на местото наречено Голгота, што во превод значи „Череп“. Му понудија на Исус пијалак од вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но кога Тој вкуси не сакаше да го пие. Војниците Го распнаа Исуса на крстот и со жрепка си ги поделија меѓу себе Неговите алишта. Потоа седнаа и стражареа околу Него. Над главата Му ставија натпис за Неговата вина. Натписот гласеше: „Ова е Исус, царот на Евреите.“ Заедно со Него распнаа и двајца злосторници: едниот оддесно, другиот одлево на Исус. Минувачите покрај крстот Го навредуваа Исуса, вртејќи со главите и извикувајќи: „Ти, што тврдеше дека ќе ни го разурнеш храмот и за три дена повторно ќе го подигнеш, спаси се сега! Ако си Ти Божјиот Син, ајде симни се од крстот!“ На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари, старешините и вероучителите. Тие говореа: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Тој ми бил цар на Израел! Нека се симне сега од крстот, па ќе Му веруваме! На Бога се повикуваше, сега Тој нека Го избави, ако Му е навистина мил! Нели Самиот тврдеше дека е Божји Син!?“ На ист начин Го навредуваа и со Него распнатите злосторници. Меѓу дванаесет и петнаесет часот над целата земја се спушти густа темнина. Околу петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’ма ш’вактани?“ што во превод значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!?“ Некои од присутните Го слушнаа ова и рекоа: „Го довикува пророкот Илија!“ Еден од нив веднаш истрча, накваси сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Другите, пак, говореа: „Чекајте, да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“ Исус уште еднаш извика со силен глас и умре. Во тој миг, завесата во храмот се расцепи на два дела озгора додолу. Земјата се тресеше и карпите распукнуваа! Гробници се отворија и телата на голем број починати праведници воскреснаа! Тие излегоа од гробниците и по Исусовото воскресение дојдоа во светиот град и им се покажаа на многу луѓе. Римскиот офицер и војниците кои стражареа крај Исус го почувствуваа земјотресот, а ги забележаа и останатите случки. Од тоа многу се исплашија и говореа: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“ Тука беа присутни и голем број жени, кои уште од Галилеја Го придружуваа Исуса и Му помагаа. Меѓу нив беа: Марија од градот Магдала, Марија мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Завдаевите синови, Јаков и Јован.