А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот. И кога стигнаа на местото наречено Голгота - што значи: череп, Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие. А кога Го распнаа, ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка, за да се исполни кажаното преку пророкот: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија жрепка.“ И седеа и Го пазеа таму. И Му ставија над Неговата глава натпис за Него-вата вина: „Овој е Исус, Јудејски Цар.“ Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а едниот одлево. А минувачите Го хулеа, вртејќи ги главите и велејќи: „Ти, што го разурнуваш Храмот и што за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси, ако си Божји Син; слези од крстот!“ Исто зборуваа првосвештениците, со книжевниците и старешините, потсмевајќи Му се: “Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме! Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!“ А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него.
А од шестиот час беше темнина по целата земја до деветтиот час. Околу деветтиот час Исус извика со силен глас и рече: „Или! Или! Лама Савахтани!? - тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?“ А некои од оние, кои стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во киселина, ја надена на трска, и Му даваше да пие. А другите велеа: „Остави! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“ А Исус извика пак со силен глас и го испушти духот. И ете! Завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа, а гробовите се отворија, и воскреснаа многу тела на упокоени свети; и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во Светиот Град и се јавија на мнозина. А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!“ А таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои Го следеа Исуса од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа: Марија Магдалена и Марија, мајката Јаковова и Јосиева, и мајката на Зеведеевите синови.