Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 20:1-12

Матеј 20:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Небесното царство може да се опише со ваква споредба: Еден домаќин излезе рано наутро да повика наемни работници за своето лозје. Се погоди со нив да им плати по една надница и ги испрати на лозјето. Околу девет часот наутро, тој повторно отиде на пазарот и виде и други луѓе кои чекаа за работа, па им рече: ,Одете и вие на моето лозје, а јас ќе ви платам колку што ви следува.‘ И тие отидоа. Потоа го направи истото околу дванаесет часот, и уште еднаш околу петнаесет часот. Кога излезе околу седумнаесет часот, виде и други луѓе како стојат, па им се обрати: ,Зошто безделничите овде цел ден?‘ ,Никој не ни понуди работа‘ му одговорија тие. Тогаш и ним им рече: ,Одете и вие на моето лозје!‘ Кога се стемни, господарот му рече на својот надзорник: ,Повикај ги работниците и исплати им по една надница на сите, почнувајќи од последните, па до првите.‘ И така, оние што дојдоа на нивата во седумнаесет часот добија по една надница. Кога дојдоа на ред првите мислеа дека ќе добијат повеќе, но и тие добија по една надница. Штом ги примија парите, тие почнаа да мрморат против господарот, велејќи: ,Овие последниве работеа само еден час, а ти ги израмни со нас, кои се мачевме цел ден на жегата!‘

Матеј 20:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Зашто царството небесно приле­га на домаќин, кој излегол на­утро рано да изнајми работници за своето лозје. Па, штом се спогоди со работниците по денариј на ден, ги прати во лозјето свое. Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на па­за­риштето без работа, им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа. Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто. А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без ра­бота, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘ Тие му одговорија: ‚Никој не нѐ по­вика.‘ А тој им рече: ‚Одете во моето лозје.‘ (И што е право ќе добиете.) А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚По­ви­кај ги работниците и плати им, поч­ну­вајќи од последните па до првите.‘ И дојдените околу единаесеттиот час добија по денариј. А кога дојдоа првите, помислија де­ка ќе примат повеќе; но и тие добија по денариј; и штом добија, негодуваа против господарот и велеа: ‚Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата.‘

Матеј 20:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто небесното царство прилега на човек домаќин, кој излезе рано наутро да наеме работници за своето лозје. И кога се погоди со трудбениците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје. И кога излезе пак околу третиот час виде други како стојат, на трговиштето, без работа, и им рече: „Одете и вие во моето лозје, па ќе ви дадам што ќе биде право!“ И тие отидоа. А кога излезе пак околу шестиот и деветтиот час го направи истото. А околу единаесеттиот час пак излезе и најде други, како стојат, и им рече: „Зошто стоите тука цел ден без работа?“ Му рекоа: „Никој не нѐ наеми.“ Тој им рече: „Отидете и вие во моето лозје.“ А кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот управител: „Повикај ги трудбениците и плати им, почнувајќи од последните па до првите!“ И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј. Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј. Штом го примија, негодуваа против домаќинот, велејќи: „Послед-ниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, кои ги претрпевме тегобата на денот и жегата.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност