Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 5:12-32

Лука 5:12-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш!“ Исус ја испружи Својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди чист!“ И лепрата веднаш исчезна од него. Исус му нареди никому да не кажува, туку да оди право кај свештеникот за да биде прегледан, а потоа да принесе жртва согласно со Мојсеевиот Закон, како сведоштво за другите. Но вестите за Исус сe повеќе се ширеа и многуброен народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од своите болести. Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше. Еден ден, додека Исус поучуваше, меѓу слушателите седеа и некои фарисеи и вероучители, дојдени од сите градови на Галилеја и на Јудеја, како и од Ерусалим. Силата Господова Го поттикнуваше Исуса да исцелува болни. И ете, некои луѓе носеа парализиран човек на носила; тие се обидуваа да го внесат човекот внатре, кај Исус. Кога поради големата толпа не успеаја да го внесат внатре, тие се искачија на куќата и преку покривот го спуштија сосе носилата сред народот, пред Исус. Кога Исус виде со колкава вера го прават тоа, му се обрати на парализираниот: „Човеку, гревовите ти се простуваат!“ Вероучителите и фарисеите почнаа да си шепотат меѓу себе: „Овој човек е богохулник! Само Бог може да простува гревови и никој друг!“ Знаејќи им ги мислите, Исус им рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? Полесно ли е да се каже: ,Гревовите ти се простуваат!‘, или ,Стани и оди!‘? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјава да простувам гревови!“ Потоа му се обрати на парализираниот: „Ти наредувам: стани, земи си ја постелата и оди си здрав дома!“ Пред очите на сите, човекот веднаш оздраве, па стана, си ја зеде постелата на којашто лежеше и си отиде дома, славејќи Го Бога. Сите останаа вчудовидени и Го славеа Бога со страхопочит, велејќи: „Чудесни работи видовме денес!“ Потоа Исус излезе и здогледа еден собирач на данок, по име Левиј, кој седеше на даночна тезга, па му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и оставајќи сe тргна по Исус. Набргу потоа Левиј приготви голема гозба во својот дом, во чест на Исус, а меѓу гостите, покрај другите луѓе, имаше и многу собирачи на данок. А фарисеите и вероучителите од нивната група почнаа да негодуваат и им рекоа на Исусовите ученици: „Зошто јадете и пиете со собирачи на данок и со други отпадници?“ На ова, Исус им одговори: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! Јас не дојдов да повикувам праведници на покајание, туку грешници.“

Лука 5:12-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога беше Исус во еден град, дој­де некој човек, сиот лепрозен, и штом Го виде Исус, падна ничкум и молејќи Му се, рече: „Господи, ако сакаш мо­жеш да ме очистиш.“ Исус, подавајќи ја раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!“ И веднаш лепрата падна од него. И му заповеда никому да не кажува; и му рече: „Оди и покажи му се на свеш­теникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што одредил Мојсеј, ним за сведоштво!“ Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу луѓе доаѓаа да Го слушаат и да бидат излечени од своите болести. А Тој се повлекуваше во осамени места и се молеше. Еден ден, додека Тој поучуваше, се­деа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Ју­деја, и од Ерусалим; а Тој имаше сила Господова да лекува. И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше неподвижен, и са­каа да го внесат и положат пред Него; па, бидејќи не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постела, насреде, пред Исус. А Тој, штом ја виде верата нивна, рече: „Човеку, ти се простуваат гре­во­вите!“ Книжниците, пак, и фарисеите поч­наа да размислуваат и да велат: „Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен Единиот Бог?“ А Исус, кога ги разбра нивните по­мисли, им одговори и рече: „Што раз­мислувате во срцата свои? Што е полесно да се каже: ‚Ти се прос­туваат гревовите‘, или да кажам: ‚Стани и оди?‘ Но за да знаете дека Синот Чо­веч­ки има власт на земјата да ги простува гревовите.“ Му рече на неподвижниот: „Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде до­ма, славејќи Го Бога. Ужас ги обзеде сите и Го славеа Бо­га; па, исполнети со страв, говореа: „Чудни работи видовме денес!“ А потоа излезе Исус и виде еден цариник, по име Левиј, кој се­де­ше во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“ Тој остави сѐ, стана и тргна по Не­го. И во својот дом Левиј Му приготви го­лема гозба; а таму имаше многу цариници и други што седеа на трпезата со нив. Книжниците, пак, и фарисеите не­годуваа против Него и им говореа на учениците Негови: „Зошто со цариници и грешници јадете и пиете?“ Исус им одговори и рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните; не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.“

Лука 5:12-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога беше во еден град, ете, човек целиот лепрозен, штом Го виде Исуса падна ничкум и Го замоли, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“ Тогаш ја протегна раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!“ И веднаш лепрата падна од него. И му заповеда никому да не му кажува, туку му рече: „Оди, покажи му се на свештеникот и принеси жртва за твоето очистување, како што заповеда Мојсеј, ним за сведоштво!“ А гласот за Него сѐ повеќе се разнесуваше и големо множество народ доаѓаше да Го слуша и да се лечи од своите болести. А Тој се повлекуваше во пустината и се молеше. И кога еден ден поучуваше, седеа фарисеите и законоучителите, кои дојдоа од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. А Господовата сила беше таму за да ги исцели. И ете, луѓето донесоа на постела фатен човек и гледаа да го внесат и да го положат пред Него. И бидејќи не најдоа од каде да го внесат заради множеството, се искачија на покривот и го спуштија низ отвор, сосѐ постела, насредина пред Исуса. Кога ја виде нивната вера, рече: „Човеку, ти се опростуваат гревовите.“ Тогаш книжниците и фарисеите почнаа да размислуваат, велејќи: „Кој е Овој, Кој хули на Бога? Кој може да ги опростува гревовите освен Единиот Бог?“ А Исус, кога ги созна нивните мисли, во одговор им рече: „Зошто разми-слувате така во своите срца? Што е полесно да се рече: ‘Ти се опростуваат гревовите’ или ‘Стани и оди’! Но, да знаете дека Човечкиот Син има власт на земјата да ги опростува гревовите, му рече на фатениот: „Тебе ти велам, стани и дигни го својот одар и оди си во својот дом!“ И веднаш стана пред нив, го зеде она на кое лежеше, и си отиде дома, славејќи Го Бога. И тие сите се зачудија и Го славеа Бога и - исполнети со страв - зборуваа: „Денес видовме чудни нешта!“ И потоа излезе и го забележа цариникот по име Левиј, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“ Тој остави сѐ, стана и тргна по Него. И Левиј му приреди голема гозба во својот дом; имаше и многу цариници и други прилегнати покрај трпезата. А фарисеите и нивните книж-ници им негодуваа на Неговите ученици, велејќи:“ Зошто јадете и пиете со цариниците и греш-ниците?“ Исус одговори и им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Не дојдов да ги повикам праведните, туку греш-ниците на покајание.“