Лука 22:24-38
Лука 22:24-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Меѓу учениците на Исус настана расправија околу тоа кој од нив ќе биде на највисока позиција. А Исус им рече: „Царевите на другите народи владеат над своите народи и сакаат да бидат нарекувани ,Народни добротвори.‘ Но меѓу вас не смее да биде така! Напротив, најголемиот меѓу вас треба да се потчини како да е најмлад; водачот треба да ви служи. Кој е поголем: оној што седи или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А еве, Јас Сум меѓу вас како слуга. Вие останавте со Мене во текот на сите Мои искушенија. И, еве, Јас ви давам царска чест, како што и небесниот Татко ми ја даде Мене. Вие ќе јадете и ќе пиете на Мојата трпеза, во Царството Мое, ќе седите на престоли и ќе им судите на дванаесетте израелски племиња.“ Исус продолжи: „Симоне, Симоне! Еве, Сатаната побара дозвола да ве искуша сите. Тој ќе се обиде да ве просее, како што земјоделецот ја просејува пченицата. А Јас се молев за тебе, Симоне, да не потклекнеш во твојата вера. Така и ти, кога повторно ќе се вратиш кај Мене, поткрепувај ги своите пријатели христијани!“ Петар одговори: „Господе! Јас сум готов да одам со Тебе и во затвор и во смрт!“ Но Исус му рече: „Еве, ти кажувам, Петре, пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одрекуваш дека воопшто Ме познаваш!“ Потоа Исус ги праша Своите ученици: „Кога ве испратив на претходната мисија без ќесиња, без торби и чевли, дали бевте во скудност за нешто?“ Тие Му одговорија: „Не, за ништо!“ Но овојпат ви велам: „Кој има ќесе или торба, нека ги земе со себе; и кој нема меч, нека си го продаде палтото и нека си купи меч. Зашто, еве, ви кажувам дека за Мене мора да се исполни она што е претскажано во Светото Писмо: “Тој ќе биде осуден како да е злосторник!“ Тоа ќе се оствари за Мене сега. Учениците Му рекоа: „Господе, имаме два ножа!“ А Тој им рече: „Доволно зборувавме за тоа!“
Лука 22:24-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А се појави меѓу нив и расправија, кој од нив да се смета за поголем. Но Тој им рече: „Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори. Вие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот и тој, што е старешина, да биде како слуга. Зашто кој е поголем, тој што седи на трпеза, или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга. Но вие сте оние што издржавте со Мене во Моите напасти, и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство, за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израелови колена.“ И рече Господ: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица; но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога еднаш ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!“ А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и во смрт.“ Но Тој му рече: „Ти велам, Петре, уште пред да запее денес петелот, ти трипати ќе потврдиш дека не Ме познаваш.“ Па им рече: „Кога ве праќав без ќесе, и без торба, и без обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“ И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож; зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“ А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“
Лука 22:24-38 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А настана и препирка меѓу нив за тоа кој е од нив поголем. А Тој им рече: „Царевите на народите владеат над нив, а оние, кои управуваат над нив се викаат добротвори. А вие, немојте така! Но, поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, а старешината како служителот. Зашто, кој е поголем - оној, кој прилегнал по-крај трпезата или оној, кој слугува? Зар не е оној, кој прилегнал покрај трпезата? А Јас Сум меѓу вас како служител. Вие сте оние, кои истрајувате со Мене во Моите искушенија. И Јас ви го определувам Царството, како што Мојот Татко Ми го определи Мене, за да јадете и да пиете на Мојата трпеза, во Моето Царство, и да седите на престоли и да им судите на дванаесетте Израелеви племиња.“ “И рече Господ: Симоне, Симоне, ете, сатаната побара да ве просее како пченица, но Јас се молев за тебе, за да не се намали твојата вера. 33 А ти, кога еднаш ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа!“ А тој Му одговори: „Гос-поди, готов сум да одам со Тебе и во темница и во смрт.“ А Тој рече: „Ти велам, Петре, денес не ќе пропее петел, додека трипати не се одречеш дека Ме познаваш!“ Уште им рече: „Кога ве пратив без ќесе и без торба и обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ А тие рекоа: „Ништо!“ И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека го земе; исто така и торба; а кој нема нека ја продаде својата наметка и нека си купи меч; зашто ви велам, дека треба да се изврши на Мене што е напишано: „И Го вброија меѓу злочинци!“ Имено, она што е пишано за Мене - се исполнува.“ А тие Му рекоа: „Господи, еве тука има два меча!“ А Тој им рече: „Доста е!“