Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 16:1-15

Лука 16:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А на учениците Свои им рече: „Си беше еден богат човек кој имаше настојник; и тој беше на­кле­ве­тен пред него дека го растура неговиот имот. И тој го повика, и му рече: ‚Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.‘ А настојникот си рече во себе: ‚Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам, да просам – се срамам. Знам што да направам, за да ме примат луѓето во своите домови, откако ќе бидам отпуштен од раководењето на ку­ќата.‘ И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ‚Колку му должиш на мојот господар?‘ Тој одговори: ‚Сто мери масло.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши педесет!‘ Потоа му рече на другиот: ‚А ти, колку должиш?‘ Тој одговори: ‚Сто ме­ри пченица.‘ И му рече: ‚Земи си ја пот­врдата и напиши осумдесет!‘ И го пофали господарот неспра­вед­ливиот настојник, зашто постапил до­сетливо; зашто синовите на овој свет кон својот род се подосетливи од сино­вите на светлината. И јас ви велам: создадете си прија­те­ли преку неправедно богатство, па, кога тоа ќе исчезне, да ве примат во вечните живеалишта. Верниот во малку и во многу е ве­рен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив. Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското? И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето? Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бо­га и на Мамон.“ Сето тоа го слушаа фарисеите, што беа среброљупци, и Му се потсмеваа. И им рече: „Вие се правите праведни, пред луѓето но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што меѓу луѓето се цени, пред Бога е одвратност.

Лука 16:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

На Своите ученици, Исус им ја раскажа и следнава приказна: „Еден богат човек имаше свој куќен настојник за кој слушал гласови дека му го растура имотот. Го повика кај себе и му рече: ,Што е ова што го слушам за тебе? Поднеси ми завршен извештај за управувањето со мојот имот, зашто повеќе не си мој настојник!‘ Тогаш настојникот си рече: ,Господарот ќе ме отпушти од работа; што да правам? Да копам не можам, а се срамам да просам. Сега знам што треба да сторам, за да си стекнам пријатели кои ќе ме примаат во своите домови, кога ќе бидам отпуштен од работа.‘ Па ги повика сите должници на неговиот господар и го праша првиот: ,Што и колку му должиш ти на мојот господар?‘ ,Сто буриња маслиново масло‘ - му одговори тој. ,Еве ти нова потврда и напиши дека должиш педесет буриња‘ - му рече настојникот. Потоа го праша вториот: ,Колку должиш ти?‘ Овој одговори: ,Сто вреќи пченица.‘ Настојникот му рече: ,Еве ти нова потврда и напиши осумдесет.‘ И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапил снаодливо. Бездруго, световните луѓе се многу поитри во вршењето на своите работи во споредба со побожните луѓе.“ Потоа Исус продолжи: „Јас ви порачувам: стекнувајте си пријатели со световното богатство, па кога него ќе го снема, ќе бидете примени во вечните домови. Тој што е верен во мали работи, ќе биде верен и во големи, а тој што е нечесен во мали работи, ќе биде нечесен и во големи. Ако не се покажете верни со земното богатство, кое не е вистинско богатство, не очекувајте да ви биде доверено вистинското, небесно богатство. Ако не сте верни со она што не е ваше, не очекувајте дека ќе ви биде дадено вашето!“ „Ниеден слуга не може верно да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бог и на парите!“ Сето ова го слушаа фарисеите и Му се подбиваа на Исус, зашто тие беа лакоми за пари. А Исус им рече: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ви ги познава срцата: во очите на луѓето сте големи, но пред Бога сте гнасни!

Лука 16:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А на Своите ученици им зборуваше: „Беше еден богат човек, кој имаше настојник, кого го наклеветија пред него дека му го растура имотот. И тој го повика и му рече: ‘Што слушам за тебе? Дај сметка за твоето управување! Не можеш веќе да бидеш настојник!’ А настојникот си рече во себеси: ‘Што да правам, зашто господарот ми го одзеде настој-ништвото? Да копам? Не можам! Да просам? Се срамам! Знам што да направам, за да ме примат во своите домови, кога ќе бидам отстранет од управувањето.’ И ги повика должниците на својот господар - секого поодделно - и му рече на првиот: ‘Колку му должиш на мојот господар?’ А тој рече: ‘Сто мери масло.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата, седни веднаш и напиши - педесет!’ Потоа му рече на другиот: ‘А ти, колку должиш?’ Тој рече: ‘Сто мери пченица.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата и напиши - осумдесет!’ И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапи мудро; зашто синовите на овој свет, според својот род, се помудри од синовите на светлината. И Јас ви велам: спечалете си пријатели со неправедно богатство, за да ве примат во вечни живеалишта, кога ќе приврши. Кој е верен во најмалото - верен е и во многу; а несправедливиот во најмалото, несправедлив е и во многу. И така, ако не бевте верни во несправедливото богатство, кој ќе ви го довери вистинското? И ако не бевте верни во туѓото, кој ќе ви го даде она што е ваше? Ниеден слуга не може да им служи на два господара; зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да Му служите на Бога и на мамона!“ А сето тоа го слушаа фарисеите, кои беа среброљупци и Му се потсмеваа. И им рече: „Вие се претставувате за праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто она што меѓу луѓето се смета за високо, пред Бога е гнасно.“