А на учениците Свои им рече: „Си беше еден богат човек кој имаше настојник; и тој беше наклеветен пред него дека го растура неговиот имот. И тој го повика, и му рече: ‚Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.‘ А настојникот си рече во себе: ‚Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам, да просам – се срамам. Знам што да направам, за да ме примат луѓето во своите домови, откако ќе бидам отпуштен од раководењето на куќата.‘ И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ‚Колку му должиш на мојот господар?‘ Тој одговори: ‚Сто мери масло.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши педесет!‘ Потоа му рече на другиот: ‚А ти, колку должиш?‘ Тој одговори: ‚Сто мери пченица.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата и напиши осумдесет!‘ И го пофали господарот несправедливиот настојник, зашто постапил досетливо; зашто синовите на овој свет кон својот род се подосетливи од синовите на светлината.
И јас ви велам: создадете си пријатели преку неправедно богатство, па, кога тоа ќе исчезне, да ве примат во вечните живеалишта. Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив. Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското? И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето? Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамон.“
Сето тоа го слушаа фарисеите, што беа среброљупци, и Му се потсмеваа. И им рече: „Вие се правите праведни, пред луѓето но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што меѓу луѓето се цени, пред Бога е одвратност.