Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛУКА 16

16
Приказна за снаодливот управител
1А на Своите ученици им зборуваше: „Беше еден богат човек, кој имаше настојник, кого го наклеветија пред него дека му го растура имотот. 2И тој го повика и му рече: ‘Што слушам за тебе? Дај сметка за твоето управување! Не можеш веќе да бидеш настојник!’ 3А настојникот си рече во себеси: ‘Што да правам, зашто господарот ми го одзеде настој-ништвото? Да копам? Не можам! Да просам? Се срамам! 4Знам што да направам, за да ме примат во своите домови, кога ќе бидам отстранет од управувањето.’ 5И ги повика должниците на својот господар - секого поодделно - и му рече на првиот: ‘Колку му должиш на мојот господар?’ 6А тој рече: ‘Сто мери масло.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата, седни веднаш и напиши - педесет!’ 7Потоа му рече на другиот: ‘А ти, колку должиш?’ Тој рече: ‘Сто мери пченица.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата и напиши - осумдесет!’ 8И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапи мудро; зашто синовите на овој свет, според својот род, се помудри од синовите на светлината. 9И Јас ви велам: спечалете си пријатели со неправедно богатство, за да ве примат во вечни живеалишта, кога ќе приврши. 10Кој е верен во најмалото - верен е и во многу; а несправедливиот во најмалото, несправедлив е и во многу. 11И така, ако не бевте верни во несправедливото богатство, кој ќе ви го довери вистинското? 12И ако не бевте верни во туѓото, кој ќе ви го даде она што е ваше? 13Ниеден слуга не може да им служи на два господара; зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да Му служите на Бога и на мамона!“ 14А сето тоа го слушаа фарисеите, кои беа среброљупци и Му се потсмеваа. 15И им рече: „Вие се претставувате за праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто она што меѓу луѓето се смета за високо, пред Бога е гнасно.“
16“Законот и Пророците беа до Јована. Оттогаш се проповеда Евангелието за Божјото Царство, и секој насила влегува во него. 17Полесно е небото и земјата да поминат, отколку да пропадне една цртичка од Законот. 18Секој кој ја остава својата жена и се жени со друга, прави прељуба; и кој се жени со оставена - прељубодејствува.“
Богат човек и беден Лазар
19“А беше еден богат човек, кој се облекуваше во црвено сукно и во ленено платно и се веселеше сјајно секој ден. 20А еден сиромав, по име Лазар, целиот со чирови, лежеше пред неговата врата 21и сакаше да се насити со она, што паѓаше од столот на богатиот. И кучињата доаѓаа и му ги лижеа раните. 22И сиромавиот умре, и ангелите го однесоа во Авраамовото крило; 23умре и богатиот и го погребаа. А во пеколот, во маката, ги поткрена своите очи и го виде оддалеку Авраама и Лазара во неговото крило, 24и извика: ‘Татко, Аврааме, смили ми се и испрати го Лазара да го накваси врвот на својот прст во вода, за да ми го разлади јазикот, зашто се измачувам многу во овој пламен!’ 25Авраам му рече: ‘Синко, сети се дека ти ги прими своите блага додека беше жив, а Лазар - злото! Сега тој се утешува тука, а ти се измачуваш. 26Освен тоа, меѓу нас и вас поставена е голема бездна, така што ни оние кои би сакале да преминат оттука при вас - не можат; ниту пак да преминат оттаму при нас.’ 27А тој рече: ‘Тогаш, те молам, татко, испрати го во куќата на татка ми; 28зашто имам петмина браќа, нека им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маки!’ 29А Авраам рече: ‘Ги имаат Мојсеја и Пророците, нека ги слушаат нив!’ 30Тој пак рече: ‘Не, татко, Аврааме! Но ако некој од мртвите отиде при нив, ќе се покајат.’ 31Му рече: ‘Ако не ги слушаат Мојсеја и Пророците, нема да ги придобие ни оној, кој воскреснал од мртвите.’“

Селектирано:

ЛУКА 16: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

Videos for ЛУКА 16