Лука 15:1-24
Лука 15:1-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Се приближуваа кон Него сите цариници и грешници за да Го слушаат. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“ Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече: „Кој од вас, ако има сто овци, и ако загуби само една од нив, нема да ги остави останатите деведесет и девет во пустината и нема да оди да ја бара загубената, сѐ додека не ја најде? А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен; и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов мојата загубена овца!‘ Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници што немаат потреба од каење. Или која жена, ако има десет драхми, и ако загуби една, нема да запали светило и да ја измете куќата, и да бара внимателно, сѐ додека не ја најде? А штом ќе ја најде, ќе повика пријатели и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов загубената драхма!‘ Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.“ И рече: „Еден човек имаше два сина. Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!‘ И таткото им го раздели имотот. По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. И откако потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак макар и со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: ‚Колку наемници кај татко ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, тука умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам кај татко ми и ќе му речам: „Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници.“‘ Па стана и отиде кај татка си. И кога беше уште далеку, го виде неговиот татко и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива. И синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!‘ А таткото им рече на слугите свои: ‚Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; па доведете едно згоено теле и заколете го; да јадеме и да се веселиме, зашто овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде.‘ И почнаа да се веселат.
Лука 15:1-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Сите цариници и грешници се приближуваа при Него, за да Го слушаат. А фарисеите и книжниците пак негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“ Тогаш им ја кажа оваа парабола: “Кој од вас, ако има сто овци, и загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе отиде по загубената, додека не ја најде. А кога ќе ја најде, ќе ја крене, радувајќи се, на своите рамена и кога ќе дојде дома ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата изгубена овца!’ Ви велам: така ќе биде на небото, поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од каење.“ “Или која жена, ако има десет драхми и изгуби една драхма, нема да запали светилка, и не ја мете куќата, и не ја бара внимателно, додека не ја најде? А кога ќе ја најде, ќе ги повика пријателките и сосетките и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов драхмата, што ја изгубив!’ Така, ви велам, се радуваат Божјите ан-гели, заради еден грешник, кој се кае.“ И рече: „Некој човек имаше два сина. И помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко, дај ми го делот од имотот, што ми припаѓа!’ И тој им го раздели имотот. А по неколку дена помладиот син собра сѐ свое и отиде во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно. Кога потро-ши сѐ, настана голема глад во онаа земја, и тој се најде во скудност. И отиде и се прилепи при еден човек на онаа земја, тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите. И сакаше да го наполни својот желудник со лушпи, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: ‘Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилство, а јас умирам од глад тука! Ќе станам и ќе отидам при татка си, и ќе му речам: ‘Татко, згрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!’ И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го виде и му се сожали, па се растрча, и му се фрли на вратот и го целиваше. А синот му рече: ‘Татко, зрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син!’ Но таткото им рече на своите слуги: ‘Бргу, донесете ја најубавата облека, и облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете. Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме, зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше изгубен - и се најде.’ И почнаа да се веселат.
Лука 15:1-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Голем број наплатувачи на данок и други отпадници доаѓаа да Го слушаат Исус. А фарисеите и учителите по верски Закон почнаа да негодуваат, велејќи: „Овој човек се спријателува со отпадници, па и заедно со нив јаде!“ Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба: „Ако некој од вас има сто овци и една од нив се загуби во пустината, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да тргне по загубената, сe додека не ја најде? А кога ќе ја најде, целиот радосен ја качува на рамото, и ја носи дома. Потоа ги повикува пријателите и соседите и им вели: ,Радосен сум што си ја најдов загубената овца! Ајде да го прославиме тоа заедно!‘ Ве уверувам, дека, на сличен начин, поголема е веселбата на небото за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог, одошто за деведесет и девет праведници на кои не им е потребно покајание!“ „Ако една жена има низа од десет сребреници и загуби еден од нив, нема ли да запали светло, да ја измете целата куќа и да го бара сребреникот, сe додека не го најде? Па кога ќе го најде, ги повикува пријателките и сосетките и им вели: ,Радосна сум што си го најдов сребреникот! Ајде да го прославиме тоа заедно!‘ Ве уверувам, дека, на сличен начин, Божјите ангели се веселат за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог.“ Исус продолжи: „Еден човек имаше два сина. Дојде кај него помладиот син и му рече: ,Татко, дај ми го мојот дел од имотот, сега!‘ И таткото им го раздели имотот. По неколку дни помладиот син го продаде својот дел и замина со парите во далечна земја. Таму ги потроши сите пари, живеејќи во разврат. Кога потроши сe што имаше, земјата ја зафати голем глад и тој се најде во немаштија. Отиде како наемник кај еден тамошен човек, кој го прати в поле да му ги чува свињите. Страден беше да си го наполни стомакот со желадите што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. Конечно, тој се свести и рече: ,Сите наемници кај татко ми имаат храна во изобилство, а јас овде гладувам! Ќе станам, ќе појдам кај татко ми, и ќе му речам: ,Татко, ви згрешив и на Бог и тебе! Повеќе не сум достоен да се нарекувам твој син. Прими ме кај тебе како наемник!‘ Така тој стана и се упати кај татка си. Додека тој беше уште далеку, таткото го здогледа како доаѓа. Му падна жал и му притрча во пресрет, го гушна и го бакна. Синот почна да му зборува, велејќи: ,Татко, ви згрешив и на Бог и тебе! Повеќе не сум достоен да се нарекувам твој син ...‘ Но таткото го прекина, заповедајќи им на своите слуги: ,Донесете ја бргу најдобрата облека и облечете го! Ставете му и прстен на раката и обувки на нозете! Доведете го најдоброто теле, заколете го - да јадеме и да го прославиме ова, зашто, овој син беше мртов за мене, а сега оживе; беше загубен, а сега е најден!‘ И така започна прославата.