Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 15:1-24

Лука 15:1-24 MK2006

Се приближуваа кон Него сите цариници и грешници за да Го слушаат. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“ Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече: „Кој од вас, ако има сто овци, и ако загуби само една од нив, нема да ги ос­тави останатите деведесет и девет во пустината и нема да оди да ја бара за­гу­бената, сѐ додека не ја најде? А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен; и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов мојата загубена овца!‘ Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници што немаат потреба од каење. Или која жена, ако има десет драхми, и ако загуби една, нема да запали светило и да ја измете куќата, и да бара внимателно, сѐ додека не ја најде? А штом ќе ја најде, ќе повика прија­тели и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов загубената драхма!‘ Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.“ И рече: „Еден човек имаше два си­на. Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот што ми при­паѓа од имотот!‘ И таткото им го раз­де­ли имотот. По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. И откако потроши сѐ, настана го­лем глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак макар и со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: ‚Кол­ку наемници кај татко ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, тука умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам кај татко ми и ќе му речам: „Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од сво­ите наемници.“‘ Па стана и отиде кај татка си. И ко­га беше уште далеку, го виде неговиот татко и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива. И синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!‘ А таткото им рече на слугите свои: ‚Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; па доведете едно згоено теле и за­ко­лете го; да јадеме и да се веселиме, зашто овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде.‘ И поч­наа да се веселат.