Сите цариници и грешници се приближуваа при Него, за да Го слушаат. А фарисеите и книжниците пак негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“ Тогаш им ја кажа оваа парабола: “Кој од вас, ако има сто овци, и загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе отиде по загубената, додека не ја најде. А кога ќе ја најде, ќе ја крене, радувајќи се, на своите рамена и кога ќе дојде дома ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата изгубена овца!’ Ви велам: така ќе биде на небото, поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од каење.“
“Или која жена, ако има десет драхми и изгуби една драхма, нема да запали светилка, и не ја мете куќата, и не ја бара внимателно, додека не ја најде? А кога ќе ја најде, ќе ги повика пријателките и сосетките и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов драхмата, што ја изгубив!’ Така, ви велам, се радуваат Божјите ан-гели, заради еден грешник, кој се кае.“
И рече: „Некој човек имаше два сина. И помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко, дај ми го делот од имотот, што ми припаѓа!’ И тој им го раздели имотот. А по неколку дена помладиот син собра сѐ свое и отиде во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно. Кога потро-ши сѐ, настана голема глад во онаа земја, и тој се најде во скудност. И отиде и се прилепи при еден човек на онаа земја, тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите. И сакаше да го наполни својот желудник со лушпи, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: ‘Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилство, а јас умирам од глад тука! Ќе станам и ќе отидам при татка си, и ќе му речам: ‘Татко, згрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!’ И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го виде и му се сожали, па се растрча, и му се фрли на вратот и го целиваше. А синот му рече: ‘Татко, зрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син!’ Но таткото им рече на своите слуги: ‘Бргу, донесете ја најубавата облека, и облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете. Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме, зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше изгубен - и се најде.’ И почнаа да се веселат.