Левитска 13:1-46
Левитска 13:1-46 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И им рече Господ на Мојсеј и на Арон, велејќи: „Човек кај кого на кожата од телото негово се појави оток, или лишај, или светла дамка, или, пак, по кожата на телото негово се појави знак на лепра, нека се доведе кај свештеникот Арон, или кај некој од синовите негови, свештениците. И нека ја види свештеникот раната од кожата на телото негово; па, ако влакната на раната побелеле и раната на поглед е пониска од другата кожа на телото негово, тогаш тоа е лепра; и кога ќе го види тоа свештеникот, ќе го прогласи за нечист. Ако, пак, дамката на кожата од телото негово е бела, и не е вдлабната во кожата, а и влакната на кожата се темни, не побелеле, тогаш свештеникот нека го затвори човекот со раната за седум дена. А во седмиот ден нека ја види свештеникот раната; ако забележи дека раната останала таква каква што била и не се раширила по кожата, пак нека го одвои за седум дена. Свештеникот одново нека ја види раната во седмиот ден, па ако забележи дека раната станала помала, а не се раширила по кожата, тогаш свештеникот нека го прогласи за чист; тоа е лишај; нека ја испере облеката своја и ќе биде чист. Ако, пак, лишаите започнат да се шират по кожата негова, откако свештеникот ги видел и го прогласил за чист, одново нека му се покаже на свештеникот; и ако свештеникот види дека лишаите се шират по кожата, тогаш нека го прогласи за нечист; тоа е лепра. Кога човек има лепра, нека го доведат кај свештеникот. И свештеникот нека го види; ако струпот на кожата станал бел, а и влакната се побелени, а и живо месо има во струпот, тоа е застарена лепра на кожата негова; затоа свештеникот нека го прогласи за нечист, и да го одвои, бидејќи е нечист. Кога лепрата ќе се појави на кожата и ќе ја прекрие целата кожа на човекот, од главата до нозете, колку што може да види свештеникот, па кога ќе види дека лепрата ја покрила целата кожа на него, ќе го прогласи човекот дека е чист, бидејќи сѐ побелело, па е чист. А кога ќе се појави на него живо месо, тој е нечист. Па, штом види свештеникот живо месо, ќе го прогласи дека е нечист; живото месо е нечисто, тоа е лепра. Ако живото месо се измени и побели, тогаш нека дојде кај свештеникот. Кога ќе види свештеникот дека раната побелела, ќе го прогласи за чист; чист е. Ако кај некого на кожата имало чир, па поминал, а потоа на местото каде што бил чирот се појави бел оток, бела или црвена дамка, нека се покаже пред свештеникот. Ако свештеникот забележи дека таа е пониска од другата кожа и влакната на неа се побелени, тогаш ќе го прогласи за нечист; тоа е лепра што излегла од чирот. Ако свештеникот забележи дека влакната на неа не побелеле ниту е таа пониска од кожата, туку станала помала, тогаш свештеникот ќе го одвои за седум дена. Ако му се прошири по кожата, тогаш свештеникот ќе објави дека е нечист; тоа е болест. А ако чирот остане на своето место и не се проширува, тогаш тоа е воспалена рана; затоа свештеникот ќе го прогласи за чист. Ако некој на кожата се изгорел со оган, па откако местото ќе заздрави, се појави бела или црвеникава или пробелена дамка, и види свештеникот дека влакната од кожата на тоа место побелеле и ако на поглед тоа место е пониско од кожата, тоа е лепра што се појавила од изгореното; затоа него свештеникот ќе го прогласи за нечист; тоа е рана од лепра. Ако, пак, свештеникот забележи дека на тоа место нема бели влакна и дека тоа не е пониско од другата кожа, и станало помало, ќе го одвои за седум дена. Во седмиот ден ќе го прегледа свештеникот, па, ако таа по кожата се проширила, нека го прогласи за нечист; тоа е рана од лепра. Ако, пак, дамката останала на своето место и не се проширила по кожата, а и темна е, тогаш тоа е рана од изгоретина. Него свештеникот нека го прогласи за чист; тоа е лузна од изгорено. Кога кај маж или кај жена се појави рана на главата или на брадата, а свештеникот ја види раната, и утврди дека е таа подлабока од кожата и дека влакната на тоа место се истенчиле и пожолтеле, нека ги прогласи за нечисти: тоа е ќела; тоа е лепра на главата или на брадата. Но кога свештеникот ќе ја прегледа раната од ќелата и ќе утврди дека таа не е подлабока од кожата и дека влакната на тоа место не се црни, тогаш болниот што има рана нека го одвои за седум дена. Во седмиот ден свештеникот пак нека ја прегледа раната. И ако ќелата не се проширила ниту влакната пожолтеле и се види дека таа не навлегла подлабоко од кожата, тој треба да ги истриже влакната на кожата, но на болното место да не се стриже и тогаш свештеникот повторно да го оддели за уште седум дена. Во седмиот ден свештеникот одново да ја прегледа ќелата. Па, ако увиди дека таа не се проширила по кожата и дека не навлегла подлабоко во кожата, болниот нека го прогласи за чист; а тој нека ја испере облеката своја и ќе биде чист. Но, ако ќелата се проширила по кожата, откако е веќе прогласен за чист, свештеникот пак нека го прегледа и ако утврди дека таа се проширила по кожата – тогаш нека не бара жолтеникави влакна, бидејќи тој е нечист. Ако, пак, ќелата остане неизменета и во неа изникнале црни влакна, тоа значи дека ќелата е излекувана: тој е чист. Свештеникот нека го прогласи за чист. Ако по кожата на телото на маж или жена се појават светли, бели дамки, и свештеникот види и утврди дека по кожата имаат бели светли дамки, тогаш тоа е лишај, кој се појавил на кожата од нивното тело. Тој е чист. Ако некому му паднала косата од главата, тој е ќелав – но чист е; ако, пак, некому му паднала косата само од предната страна на главата, тој е ќелав – чист е. Ако по ќелавото или проќелавото место се појавиле белузлави или црвеникави дамки, тоа е лепра на ќелавото, односно проќелавото место. Свештеникот да го прегледа, и ако види дека отокот на раната е белузлав или црвеникав по ќелавото или проќелавото место и изгледа како лепра по кожата на телото негово, тој е лепрозен, нечист; свештеникот да го прогласи за нечист: зашто на главата има рана. На лепрозниот, кој има таква рана, облеката да му се раскине, и главата да му биде откриена, да биде забраден околу устата и да извикува: ‚нечист, нечист!‘ Сѐ додека ја има раната треба да се смета за нечист; тој е нечист и треба да живее одвоен; неговото живеалиште да биде надвор од населбата.
Левитска 13:1-46 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Господ им рече на Мојсеја и Арона: „Ако некому му се појави на кожата оток или лишај или дамки; што би било навестување на лепра врз кожата на неговото тело; таквиот нека биде доведен при свештеникот Арон или при некој од неговите синови - свештеници. Свештеникот нека го прегледа заразеното место на кожата на неговото тело. Ако влакната на заразеното место се побелени, и изгледа дека тоа е подлабоко од кожата на неговото тело, тогаш тоа е лепра. Откако свештеникот ќе го прегледа, нека го прогласи за нечист. Но ако се покаже дека белата дамка на кожата на неговото тело не е подлабоко отколку и кожата, а влакната на неа не побелеани, тогаш свештеникот нека го осами болниот седум денови. Свештеникот нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако утврди со своите очи дека заразата постои уште, но не се шири повеќе по кожата, нека го осами уште седум денови. Нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако заразеното место биде помалку забележливо, а болеста не се проширила по кожата, нека го прогласи за чист: тоа е само лишај. Откако ќе ги испере своите облеки, ќе биде чист. Но ако лишајот се прошири по кожата, откако свештеникот го прегледал болниот и го прогласил за чист, нека се јави пак пред свештеникот. Откако свештеникот ќе види дека лишајот се проширил по кожата нека го прогласи за нечист: тоа е лепра.“ „Ако се појави лепра на некој, нека го доведат при свештеникот. Свештеникот нека го прегледа. Ако на кожата има бел оток со побелени влакна и со напнат чир, тоа е длабоко вкоренета лепра по кожата на неговото тело. Свештеникот нека го прогласи за нечист и нека го затвори, зашто тој е нечист. Ако лепрата се опсипе по кожата така што ја покрива целата кожа на болниот од главата до нозете - сѐ што можат да видат свештениковите очи, и свештеникот согледа дека лепрата го покрила целото негово тело, нека го прогласи болниот за чист; зашто сѐ се претворило во бело; тој е чист. Но во денот кога ќе се појави чир на него, ќе биде нечист. Кога свештеникот ќе го види чирот, нека го прогласи болниот за нечист, тоа е лепра. Но ако чирот се измени во бело, човекот нека дојде кај свештеникот. Свештеникот нека го прегледа: ако раната побелела, свештеникот нека го прогласи болниот за чист - тој е чист.“ „Кога некому ќе му се појави чир на кожата и оздравел, и ако таму каде што бил чирот се појави бел оток или местото избледнее и побели, или ако се појави белоцрвеникава дамка, човекот нека му се покаже на свештеникот. Свештеникот нека го прегледа. Ако најде дека кожата е подлабока, а влакната се побелени, свештеникот нека го прогласи за нечист - тогаш тоа е лепра што избувнала од чирот. Ако свештеникот утврди дека влакната не побелеле тука, дека кожата не е подлабока отколку на друго место, дека местото не темнее, нека го одвои болниот седум дена. Ако му се прошири болеста по кожата, свештеникот нека го прогласи за нечист - тоа е лепра. Ако дамката остане на местото и не се прошири, тоа е струп од чирот. Свештеникот нека го прогласи човекот за чист.“ „Ако некој има изгореница на кожата, па на изгореното место се појави белоцрвено или бела дамка, свештеникот нека го прегледа тоа. Ако влакната на местото побелат и ако изгледа дека тоа место е подлабоко од кожата, тогаш тоа е лепра што избувна од изгореницата. Свештеникот нека го прогласи за нечист: тоа е лепра. Но ако свештеникот утврди дека влакната не побелеле, дека местото не е подлабоко од кожата и дека е малку забележливо при тоа, нека го оддели сам седум денови. Нека го прегледа на седмиот ден: ако дамката се проширила по кожата, свештеникот нека го прогласи за нечист - тоа е лепра. Ако дамката остане на местото и не се рашири по кожата, тогаш тоа е оток од изгореницата. Свештеникот нека го прогласи човекот за чист: тоа е струп од изгореница.“ „Ако се појави болест на главата или на брадата на некој маж или жена, свештеникот нека ја прегледа болеста. Ако утврди дека е подлабока од кожата и дека таму влакната пожолтеле и се истенчиле, свештеникот нека го прогласи болниот за нечист. Тоа е јадеж, односно лепра на главата или на брадата. Но ако свештеникот, откако го прегледа заболеното место, утврди дека не е подлабоко од кожата и дека таму сепак нема црни влакна, свештеникот нека го отстрани јадежливиот за седум денови. На седмиот ден нека го прегледа: ако јадежот не се проширил ниту влакната пожолтеле, па ако изгледа дека јадежот не е подлабок од кожата, болниот нека се избричи - но местото на јадежот нека не го бричи - и свештеникот нека го отстрани за други седум денови. На седмиот ден свештеникот нека го прегледа пак јадежливото место. Ако јадежот не се проширил по кожата, и изгледа дека не е подлабок од кожата, свештеникот нека го прогласи болниот за чист. Тој нека ја испере својата облека и ќе биде чист. Ако се прошири јадежот по кожата откако беше прогласен за чист, свештеникот нека го прегледа повторно. Ако јадежот се проширил по кожата - свештеникот веќе и нека не бара жолти влакна - болниот е нечист. Но ако забележи дека јадежот застана и дека никнаа црни влакна, јадежот е заздравен - тој е чист. Свештеникот нека го прогласи за чист.“ „Ако на кожата на некој маж или жена се појават пеги, па ако се тие пеги бели, свештеникот нека ги прегледа. Ако пегите по кожата бидат темнобели, тогаш тоа се лишаи што избувнале по кожата: болниот е чист.“ „Ако некому му испаѓа косата од главата; тој е ќелав; тој е чист. Ако му испаѓа косата однапред на главата, тој е ќелав на челото, но е чист. Но ако на ќелавоста или однапред од челото се појави црвенобела болест, тоа е лепра што избувнала на неговата ќелавост или однапред од челото. Свештеникот нека го прегледа. Ако утврди дека дамките се - на ќелавоста или однапред од челото - белоцрвени, на изглед како и лепрата по кожата на телото; човекот станал лепрозен, нечист е. Свештеникот треба да го прогласи за нечист - лепрата му е на главата.“ „Оној што ќе стане лепрозен, нека носи распарана облека; косата нека му е непокриена; тој е должен да биде покриен до горната усна и да вика: ‘Нечист! Нечист!’ Сѐ додека е болеста на него нека биде нечист; тој е нечист; нека живее насамо: неговиот дом нека биде надвор од живеалиштето.“