ЛЕВИТ 13
13
Заповеди за лепрозни
1Господ им рече на Мојсеја и Арона: 2„Ако некому му се појави на кожата оток или лишај или дамки; што би било навестување на лепра врз кожата на неговото тело; таквиот нека биде доведен при свештеникот Арон или при некој од неговите синови - свештеници. 3Свештеникот нека го прегледа заразеното место на кожата на неговото тело. Ако влакната на заразеното место се побелени, и изгледа дека тоа е подлабоко од кожата на неговото тело, тогаш тоа е лепра. Откако свештеникот ќе го прегледа, нека го прогласи за нечист. 4Но ако се покаже дека белата дамка на кожата на неговото тело не е подлабоко отколку и кожата, а влакната на неа не побелеани, тогаш свештеникот нека го осами болниот седум денови. 5Свештеникот нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако утврди со своите очи дека заразата постои уште, но не се шири повеќе по кожата, нека го осами уште седум денови. 6Нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако заразеното место биде помалку забележливо, а болеста не се проширила по кожата, нека го прогласи за чист: тоа е само лишај. Откако ќе ги испере своите облеки, ќе биде чист. 7Но ако лишајот се прошири по кожата, откако свештеникот го прегледал болниот и го прогласил за чист, нека се јави пак пред свештеникот. 8Откако свештеникот ќе види дека лишајот се проширил по кожата нека го прогласи за нечист: тоа е лепра.“
9„Ако се појави лепра на некој, нека го доведат при свештеникот. 10Свештеникот нека го прегледа. Ако на кожата има бел оток со побелени влакна и со напнат чир, 11тоа е длабоко вкоренета лепра по кожата на неговото тело. Свештеникот нека го прогласи за нечист и нека го затвори, зашто тој е нечист. 12Ако лепрата се опсипе по кожата така што ја покрива целата кожа на болниот од главата до нозете - сѐ што можат да видат свештениковите очи, 13и свештеникот согледа дека лепрата го покрила целото негово тело, нека го прогласи болниот за чист; зашто сѐ се претворило во бело; тој е чист. 14Но во денот кога ќе се појави чир на него, ќе биде нечист. 15Кога свештеникот ќе го види чирот, нека го прогласи болниот за нечист, тоа е лепра. 16Но ако чирот се измени во бело, човекот нека дојде кај свештеникот. 17Свештеникот нека го прегледа: ако раната побелела, свештеникот нека го прогласи болниот за чист - тој е чист.“
18„Кога некому ќе му се појави чир на кожата и оздравел, 19и ако таму каде што бил чирот се појави бел оток или местото избледнее и побели, или ако се појави белоцрвеникава дамка, човекот нека му се покаже на свештеникот. 20Свештеникот нека го прегледа. Ако најде дека кожата е подлабока, а влакната се побелени, свештеникот нека го прогласи за нечист - тогаш тоа е лепра што избувнала од чирот. 21Ако свештеникот утврди дека влакната не побелеле тука, дека кожата не е подлабока отколку на друго место, дека местото не темнее, нека го одвои болниот седум дена. 22Ако му се прошири болеста по кожата, свештеникот нека го прогласи за нечист - тоа е лепра. 23Ако дамката остане на местото и не се прошири, тоа е струп од чирот. Свештеникот нека го прогласи човекот за чист.“
24„Ако некој има изгореница на кожата, па на изгореното место се појави белоцрвено или бела дамка, 25свештеникот нека го прегледа тоа. Ако влакната на местото побелат и ако изгледа дека тоа место е подлабоко од кожата, тогаш тоа е лепра што избувна од изгореницата. Свештеникот нека го прогласи за нечист: тоа е лепра. 26Но ако свештеникот утврди дека влакната не побелеле, дека местото не е подлабоко од кожата и дека е малку забележливо при тоа, нека го оддели сам седум денови. 27Нека го прегледа на седмиот ден: ако дамката се проширила по кожата, свештеникот нека го прогласи за нечист - тоа е лепра. 28Ако дамката остане на местото и не се рашири по кожата, тогаш тоа е оток од изгореницата. Свештеникот нека го прогласи човекот за чист: тоа е струп од изгореница.“
29„Ако се појави болест на главата или на брадата на некој маж или жена, 30свештеникот нека ја прегледа болеста. Ако утврди дека е подлабока од кожата и дека таму влакната пожолтеле и се истенчиле, свештеникот нека го прогласи болниот за нечист. Тоа е јадеж, односно лепра на главата или на брадата. 31Но ако свештеникот, откако го прегледа заболеното место, утврди дека не е подлабоко од кожата и дека таму сепак нема црни влакна, свештеникот нека го отстрани јадежливиот за седум денови. 32На седмиот ден нека го прегледа: ако јадежот не се проширил ниту влакната пожолтеле, па ако изгледа дека јадежот не е подлабок од кожата, 33болниот нека се избричи - но местото на јадежот нека не го бричи - и свештеникот нека го отстрани за други седум денови. 34На седмиот ден свештеникот нека го прегледа пак јадежливото место. Ако јадежот не се проширил по кожата, и изгледа дека не е подлабок од кожата, свештеникот нека го прогласи болниот за чист. Тој нека ја испере својата облека и ќе биде чист. 35Ако се прошири јадежот по кожата откако беше прогласен за чист, 36свештеникот нека го прегледа повторно. Ако јадежот се проширил по кожата - свештеникот веќе и нека не бара жолти влакна - болниот е нечист. 37Но ако забележи дека јадежот застана и дека никнаа црни влакна, јадежот е заздравен - тој е чист. Свештеникот нека го прогласи за чист.“
38„Ако на кожата на некој маж или жена се појават пеги, па ако се тие пеги бели, 39свештеникот нека ги прегледа. Ако пегите по кожата бидат темнобели, тогаш тоа се лишаи што избувнале по кожата: болниот е чист.“
40„Ако некому му испаѓа косата од главата; тој е ќелав; тој е чист. 41Ако му испаѓа косата однапред на главата, тој е ќелав на челото, но е чист. 42Но ако на ќелавоста или однапред од челото се појави црвенобела болест, тоа е лепра што избувнала на неговата ќелавост или однапред од челото. 43Свештеникот нека го прегледа. Ако утврди дека дамките се - на ќелавоста или однапред од челото - белоцрвени, на изглед како и лепрата по кожата на телото; 44човекот станал лепрозен, нечист е. Свештеникот треба да го прогласи за нечист - лепрата му е на главата.“
45„Оној што ќе стане лепрозен, нека носи распарана облека; косата нека му е непокриена; тој е должен да биде покриен до горната усна и да вика: ‘Нечист! Нечист!’ 46Сѐ додека е болеста на него нека биде нечист; тој е нечист; нека живее насамо: неговиот дом нека биде надвор од живеалиштето.“
Лекување на лепра на облека
47„Кога заразата на лепрата се појави на облеката, било на волнена било на ленена, 48или на основа или на потка од лен или од волна; или на кожа, или на каков и да е кожен предмет; 49па ако дамките на облеката или на кожата, на основата или на потката, или на каков и да е кожен предмет, биде зеленикаво или црвеникаво, тоа е лепра; па нека му се покаже на свештеник. 50Свештеникот, откако ќе прегледа што е заразено, нека го стави тоа настрана за седум дена. 51А на седмиот ден нека ја прегледа заразата. Ако заразата се проширила по облеката, по основата или потката, или по кожата, или по каков и да е кожен предмет, тоа е заразна лепра. Работата е нечиста. 52Таа облека - било основата било потката, од волна или од лен, или некаквиот кожен предмет за кого заразата се прилепила - се заразила со лепра, нека се изгори во оган.“
53„Но ако свештеникот види дека заразата не се проширила по облеката - ни по основата ни по потката, ниту по каков и да е предмет од кожа, 54тогаш нека нареди да биде испрана заразената работа. Потоа нека ја остави повторно насамо седум денови. 55А ако свештеникот, откако работата била испрана, забележи дека заразеното место не се изменило, сепак, иако болеста не се раширила, работата е нечиста. Нека биде изгорена во оган: гнила е и внатре и однадвор.“
56„Ако свештеникот забележи дека болеста се намалува по перењето, нека го отсече тоа место, било да е тоа на облеката или на кожата, на основата или на потката. 57Ако се појави пак на облеката или на кожата, на основата или на потката, или на каков и да е кожен предмет, тогаш тоа е зараза, и заразениот предмет нека биде изгорен во оган. 58Но ако болеста ја снема од облеката - од основата или од потката - или од каков и да е кожен предмет откако бидат испрани; нека бидат испрани повторно и ќе бидат чисти.“
59„Тоа е закон за болеста лепра на облека од волна или од лен - на основата или на потката - или на каков и да е предмет од кожа, за да бидат прогласени за чисти или за нечисти.“
Селектирано:
ЛЕВИТ 13: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.