Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 4:1-24

Исус Навин 4:1-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога целиот народ го премина Јордан, Господ му рече на Исус: „Земи од народот дванаесет луѓе, по еден маж од секое племе и заповедај им и кажи им: ‚Земете оттука, среде Јордан, каде што стоеја неподвижно нозете на свештениците, дванаесет камења, понесете ги со себе и ставете ги на местото, каде што ќе но­ќевате оваа ноќ!‘“ Исус повика дванаесет луѓе, што ги избра од синовите Израелови, по еден маж од секое племе и им рече: „Одете по мене пред лицето на Господ, вашиот Бог, среде Јордан и секој нека земе оттаму по еден камен, и нека го стави на рамо според бројот на племињата на синовите Израелови, за да бидат кај вас знак; кога ќе те праша во подоцнежно време синот твој и ќе рече: ‚зошто се овие камења кај вас?‘ а ти ќе му речеш на синот твој: ‚Водата во реката Јордан престана да тече пред ковчегот на заветот на Гос­под; кога тој го преминуваше Јордан, тогаш водата јорданска пресуши‘; и така тие камења ќе бидат кај вас како ве­чен споменик на синовите Из­ра­ело­ви.“ И синовите Израелови направија та­ка, како што заповеда Исус: зедоа дванаесет камења од среде Јордан, како што му рече Господ на Исус, според бројот на племињата на синовите Изра­елови, и ги понесоа со себе во логорот, и ги ставија таму. И други дванаесет камења постави Исус среде Јордан на местото, каде што им стоеја нозете на свешетниците, кои го носеа ковчегот на заветот. Тие се таму и до ден-денес. Свештениците, пак, кои го носеа ковчегот, стоеја среде Јордан, додека не беше свршено сѐ што Господ му беше заповедал на Исус – точно така, како што му беше заповедал Мојсеј на Исус; па потоа народот брзо преминуваше. Кога целиот народ премина, тогаш премина и ковчегот Господов и камењата пред нив. И Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе поминаа вооружени пред сино­вите Израелови, како што им беше за­поведал Мојсеј. Околу четириесет илјади вооруже­ни за борба преминаа пред Господ кон градот Ерихон за да се борат. Во тој ден Господ го возвеличи Исус пред целиот Израел и почнаа да го почитуваат како што го почитуваа Мојсеј, додека беше жив. И му рече Господ на Исус, велејќи: „Заповедај им на свештениците, што го носат ковчегот на заветот, да излезат од Јордан.“ Исус им заповеда на свештениците и рече: „Излезете од Јордан!“ И кога свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, излегоа од Јордан, и штом нозете нивни стапија на суво, водата на Јордан се спушти на своето место, потече, како порано, по целото корито. И народот излезе од Јордан во де­сеттиот ден на првиот месец и се смести во Гилгал, на исток од Ерихон. И дванаесетте камења, што ги беа зеле од Јордан, Исус ги постави во Гилгал и им рече на синовите Израелови: „Кога ќе ве прашаат вашите синови, велејќи: ‚Зошто се овие камења?‘ кажете им на вашите синови: Изра­ел го помина Јордан по суво. Зашто Господ, вашиот Бог, ги ису­ши водите на Јордан за вас, додека да го преминете, исто онака, како што Господ, вашиот Бог, го направи со Цр­веното Море, кое го исуши пред нас, додека го преминувавме, за да видат сите народи на земјата дека раката Господова е силна, и да Го почитувате Господа, вашиот Бог, секогаш.“

Исус Навин 4:1-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Откако сиот народ помина преку Јордан, Господ му рече на Исуса: “Изберете од народот дванаесет луѓе, од секое племе по еден, и заповедајте им: ‘Дигнете оттука, од средината на Јордан - од местата каде што стојат нозете на свештениците - дванаесет камења, кои ќе ги носите со себеси и ќе ги положите на местото каде што ќе преноќевате ноќеска.’“ Тогаш Исус повика дванаесет луѓе, кои ги имаше избрано меѓу Израелевите синови, од секое племе по еден човек, и им рече: „Одете пред Ковчегот на Господа, својот Бог, во средината на Јордан, и нека секој донесе на своите рамена по еден камен според бројот на Израелевите племиња. Тоа ќе биде за спомен меѓу вас. Кога еден ден вашите деца ќе ве прашаат: ‘Што ви значат овие камења?’ Ќе им речете: ‘Водата на Јордан се раздели пред Ковчегот на Господовиот Завет, кога поминуваше преку Јордан.’ И овие камења ќе им бидат вечен спомен на Израелевите синови.“ Израелците направија како што им заповеда Исус, зедоа дванаесет камења од средината на Јордан, според бројот на Израелевите племиња, како што Господ му нареди на Исуса: ги однесоа до своето ноќевалиште и ги положија таму. Потоа Исус постави дванаесет камења среде Јордан, на местото каде што стоеја нозете на свештениците, кои го носеа Ковчегот на Заветот. Таму стојат и денес. Свештениците, кои го носеа Ковчегот, стоеја среде Јордан, сѐ додека не беше извршено сѐ што Господ му заповеда на Исуса да направи народот, сосем онака како што Мојсеј му беше наредил на Исуса. А сиот народ преминуваше брзо. Откако помина сиот народ, преминаа и свештениците со Господовиот Ковчег на Господовиот Завет и тргнаа пред народот. Тогаш Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе, во бојна опрема, застанаа на чело на Израелевите синови, како што им беше заповедал Мојсеј. Околу четириесет илјади вооружени луѓе поминаа пред Господа за да се борат на Ерихонските Полиња. Во тој ден Господ го возвиши Исуса пред сиот Израел, и сите се боеја од него, како некогаш од Мојсеја, во сите денови на неговиот живот. Господ му рече на Исуса: “Заповеди им на свештениците, кои го носат Ковчегот на Заветот, да излезат од Јордан.“ Тогаш Исус им заповеда на свештениците: „Излезете од Јордан!“ А штом свештениците, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, излегоа од средината на Јордан и стапнаа со нозете на суво, водите на Јордан се вратија на своето место и почнаа да течат како и порано преку своите брегови. Народот излезе од Јордан во десеттиот ден на првиот месец. Тогаш се настанија во Галгал, источно од Ерихон. А оние дванаесет камења што ги зедоа со себе од Јордан, Исус ги постави во Галгал. Тогаш им рече на Израелците: „Ако вашите потомци ги прашаат еден ден своите татковци: ‘Што значи ова камење?’ - Вие поучете ги вака: ‘Израел тука помина по суво преку Јордан,’ зашто Господ, вашиот Бог, ја пресуши пред вас водата на Јордан додека не поминавте, како што направи вашиот Бог Господ со Црвеното Море, кога го пресуши пред нас додека не поминавме. А сѐ тоа за да знаат сите народи на земјата колку е моќна Господовата рака, и за да се боите вие самите секогаш од Господа, својот Бог.“