Кога целиот народ го премина Јордан, Господ му рече на Исус: „Земи од народот дванаесет луѓе, по еден маж од секое племе и заповедај им и кажи им: ‚Земете оттука, среде Јордан, каде што стоеја неподвижно нозете на свештениците, дванаесет камења, понесете ги со себе и ставете ги на местото, каде што ќе ноќевате оваа ноќ!‘“ Исус повика дванаесет луѓе, што ги избра од синовите Израелови, по еден маж од секое племе и им рече: „Одете по мене пред лицето на Господ, вашиот Бог, среде Јордан и секој нека земе оттаму по еден камен, и нека го стави на рамо според бројот на племињата на синовите Израелови, за да бидат кај вас знак; кога ќе те праша во подоцнежно време синот твој и ќе рече: ‚зошто се овие камења кај вас?‘ а ти ќе му речеш на синот твој: ‚Водата во реката Јордан престана да тече пред ковчегот на заветот на Господ; кога тој го преминуваше Јордан, тогаш водата јорданска пресуши‘; и така тие камења ќе бидат кај вас како вечен споменик на синовите Израелови.“ И синовите Израелови направија така, како што заповеда Исус: зедоа дванаесет камења од среде Јордан, како што му рече Господ на Исус, според бројот на племињата на синовите Израелови, и ги понесоа со себе во логорот, и ги ставија таму. И други дванаесет камења постави Исус среде Јордан на местото, каде што им стоеја нозете на свешетниците, кои го носеа ковчегот на заветот. Тие се таму и до ден-денес. Свештениците, пак, кои го носеа ковчегот, стоеја среде Јордан, додека не беше свршено сѐ што Господ му беше заповедал на Исус – точно така, како што му беше заповедал Мојсеј на Исус; па потоа народот брзо преминуваше. Кога целиот народ премина, тогаш премина и ковчегот Господов и камењата пред нив. И Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе поминаа вооружени пред синовите Израелови, како што им беше заповедал Мојсеј. Околу четириесет илјади вооружени за борба преминаа пред Господ кон градот Ерихон за да се борат. Во тој ден Господ го возвеличи Исус пред целиот Израел и почнаа да го почитуваат како што го почитуваа Мојсеј, додека беше жив. И му рече Господ на Исус, велејќи: „Заповедај им на свештениците, што го носат ковчегот на заветот, да излезат од Јордан.“ Исус им заповеда на свештениците и рече: „Излезете од Јордан!“ И кога свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, излегоа од Јордан, и штом нозете нивни стапија на суво, водата на Јордан се спушти на своето место, потече, како порано, по целото корито. И народот излезе од Јордан во десеттиот ден на првиот месец и се смести во Гилгал, на исток од Ерихон. И дванаесетте камења, што ги беа зеле од Јордан, Исус ги постави во Гилгал и им рече на синовите Израелови: „Кога ќе ве прашаат вашите синови, велејќи: ‚Зошто се овие камења?‘ кажете им на вашите синови: Израел го помина Јордан по суво. Зашто Господ, вашиот Бог, ги исуши водите на Јордан за вас, додека да го преминете, исто онака, како што Господ, вашиот Бог, го направи со Црвеното Море, кое го исуши пред нас, додека го преминувавме, за да видат сите народи на земјата дека раката Господова е силна, и да Го почитувате Господа, вашиот Бог, секогаш.“