Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 1:1-9

Исус Навин 1:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

По смртта на Мојсеј, слугата Господов, Господ му рече на Нави­новиот син Исус, служител на Мојсеј, велејќи: „Мојсеј, слугата Мој умре; затоа сега стани, мини преку реката Јордан, ти и сиот овој народ, во земјата, што Јас им ја давам, на синовите Израелови. Секое место, на кое ќе стапнат ста­палата на вашите нозе, вам ви го давам, како што му реков на Мојсеј: од пустината и од Ливан дури до големата река, реката Еуфрат, целата земја Хитиска, и до Големото Море на запад ќе бидат ваши предели. Никој нема да ти се спротивстави во текот на сите денови од твојот живот; и како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам, ниту ќе те презрам. Биди цврст и храбар, зашто ќе му ја разделиш земјата на овој народ, во нас­ледство за која им се заколнав на тат­ковците нивни дека ќе им ја дадам; само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази да го извршиш сето она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно во сѐ што ќе преземаш. Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напи­шано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во твоите патишта и умно ќе постапуваш. Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај, зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.“

Исус Навин 1:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По смртта на Господовиот слуга, Мојсеј, Господ му рече на Исуса, синот Навинов, на Мојсеевиот помошник: „Мојот слуга Мојсеј почина; затоа сега стани, помини преку тој Јордан, ти и сиот тој народ, во земјата што им ја давам на Израелевите синови. Секое место на кое ќе стапне вашата нога ви го давам, како што му ветив на Мојсеја. Од пустината и од Ливан па до Големата Река, реката Еуфрат, целата земја на Хетејците, и сѐ до Големото Море на сончевиот запад - сѐ тоа ќе биде ваше подрачје. Никој не ќе одолее пред тебе во сите дни на твојот живот; јас ќе бидам со тебе како што бев со Мојсеја, и никогаш нема да те напуштам ниту ќе те оставам. Биди одлучен и храбар, зашто ти ќе го воведеш овој народ за да ја прими во наследство земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам. Само биди одлучен и храбар за да направиш сѐ верно според наредбите што ти ги даде Мојсеј, Мојот слуга. Не свртувај од тоа ни десно ни лево, за да ти биде среќно сѐ што ќе преземеш. Книжниот свиток на Законот нека биде на твојата уста: размислувај за него дење и ноќе, за да пазиш верно сѐ што е напишано во него: само тогаш ќе бидеш среќен и ќе успееш во потфатите. Нели ти заповедав: биди силен и биди храбар? „Не бој се и не плаши се, зашто каде и да тргнеш, со тебе е Господ, твојот Бог.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност