Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСУС НАВИН 1

1
ПОКОРУВАЊЕ НА ХАНААН
1:1-12:24
А. Вовед: Божји повелби за Исус Навин
1По смртта на Господовиот слуга, Мојсеј, Господ му рече на Исуса, синот Навинов, на Мојсеевиот помошник: 2„Мојот слуга Мојсеј почина; затоа сега стани, помини преку тој Јордан, ти и сиот тој народ, во земјата што им ја давам на Израелевите синови. 3Секое место на кое ќе стапне вашата нога ви го давам, како што му ветив на Мојсеја. 4Од пустината и од Ливан па до Големата Река, реката Еуфрат, целата земја на Хетејците, и сѐ до Големото Море на сончевиот запад - сѐ тоа ќе биде ваше подрачје. 5Никој не ќе одолее пред тебе во сите дни на твојот живот; јас ќе бидам со тебе како што бев со Мојсеја, и никогаш нема да те напуштам ниту ќе те оставам. 6Биди одлучен и храбар, зашто ти ќе го воведеш овој народ за да ја прими во наследство земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам. 7Само биди одлучен и храбар за да направиш сѐ верно според наредбите што ти ги даде Мојсеј, Мојот слуга. Не свртувај од тоа ни десно ни лево, за да ти биде среќно сѐ што ќе преземеш. 8Книжниот свиток на Законот нека биде на твојата уста: размислувај за него дење и ноќе, за да пазиш верно сѐ што е напишано во него: само тогаш ќе бидеш среќен и ќе успееш во потфатите. Нели ти заповедав: 9биди силен и биди храбар? „Не бој се и не плаши се, зашто каде и да тргнеш, со тебе е Господ, твојот Бог.“
Б. Подготовки за преминување преку Јордан
1. Повелби за народните главатари
10Тогаш Исус им заповеда на народните главатари: 11“Поминете низ логорот и разгласете му ја на народот оваа заповед: ‘Пригответе си храна, зашто по три дни ќе преминете преку Јордан, за да ја примите во сопственост земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство.’“
2. Исус им спомнува на племето Рувимово, Гадово и на половината Манасиево племе
12Потоа Исус им рече на племето Рувимово и Гадово и на половина Манасиево племе: 13“Сетете се за она што ви нареди Мојсеј, Господовиот слуга, кога ви рече: ‘Господ, вашиот Бог, сака да се одморите, и ви ја дава оваа земја.’ 14Вашите жени, деца и стада можат да останат во земјата, која ви ја даде Мојсеј од онаа страна на Јордан. Вие пак воините, спремни за бој, треба да тргнете вооружени пред своите браќа за да им помогнете, 15сѐ додека Господ не им даде починка и на вашите браќа, како и вам, и додека не ја освојат земјата, што им ја дава Господ, вашиот Бог. Тогаш ќе можете да се вратите во земјата што ви припаѓа и што ви ја даде Господовиот слуга Мојсеј, на другата страна на Јордан, кон изгрејсонцето.“ 16Тие му одговорија на Исуса: „Сѐ што ќе ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да нѐ пратиш, ќе тргнеме. 17Како што го слушавме Мојсеја, така ќе ти се покоруваме и тебе. Само Господ, твојот Бог, нека биде со тебе, како што беше со Мојсеја! 18Секој кој ќе им се спротиви на твоите заповеди и не ги послуша твоите зборови во сѐ што ќе му наредиш, нека биде погубен. Само ти биди решителен и храбар!“

Селектирано:

ИСУС НАВИН 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност