Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јона 2:1-10

Јона 2:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И ѝ заповеда Господ на една голема риба да го проголта Јона; и Јона остана во утробата на тој кит три дена и три ноќи. Му се помоли Јона на својот Господ Бог од утробата на рибата, па рече: „Кон Господ повикав во мо­јата неволја и Тој ме чу; извикав од утробата на пеколот – и Ти го чу гласот мој. Ти ме фрли во длабините, во срцето на морето, и вода ме опколуваше, и сите води Твои и бранови Твои минуваа преку мене. Тогаш реков: Отфрлен сум од очите Твои, како ќе ја видам светињата Твоја? Ме притиснаа водите до гушата мо­ја, бездната ме затвори; со трева морска главата моја е обвиена. Слегнав до корените на планините, земјата со резињата свои за навек ме затвори, но Ти, Господи, Боже мој, ја изведе душата моја од јамата. Кога животот ми згаснуваше, се сетив на Господ, и молитвата моја сти­г­на до Тебе, до светиот храм Твој. Оние, кои почитуваат лажни богови, Го оставија својот Милосрден, но јас со благодарствена песна ќе Ти принесам жртва; она што сум го ветил, ќе го исполнам. Во Господ е спа­сението!“

Јона 2:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Јона се помоли на Господа, својот Бог, од рибината утроба. Тој рече: Во својата неволја извикав кон Господа и Тој ме послуша; извикав од утробата на Подземјето, и Ти ми го чу гласот. Ти ме фрли во длабочината, во срцето на морето, и водата ме опкружи. Сите Твои поплави и бранови минаа преку мене. Реков: ‘Отфрлен сум од пред Твоите очи. Но сепак ќе погледнам повторно кон Твојот свет храм.’ Водите ме опкружија дури до душата моја, бездната ме опколи. Тревите ми ја завиткаа главата, слегов до корењата на планините. Околу мене беа засекогаш земните лостови. Но Ти извади го од јама мојот живот, О Господи, Боже мој. Кога изнемогна душата моја во мене, си спомнав за Господа, и мојата молитва влезе при Тебе, во Твојот свет храм. Оние кои се придружуваат кон суетните идоли, ја оставаат својата добродушност. А јас ќе ти принесам жртва со гласот на фалба. Што се заветував, ќе исполнам. Спасението е од Господа.“ Тогаш Господ и заповеда на рибата, и таа го изблува Јона на копното.